Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, одржа работна средба со претставници на поголемите млекарници во земјава, на која беше разговарано за обезбедување стабилен откуп и цена на суровото млеко, во услови кога европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишоци од овој производ.
На средбата е постигнат договор откупната цена на суровото млеко да остане стабилна, како и да нема неоткупено млеко од страна на млекарниците, со што се гарантира сигурност за домашните производители.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека ќе бидат засилени контролите на пазарот, со посебен акцент на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на контролата на добиточната храна.
Министерството, како што се наведува, останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и создавање одржливи услови за работа и развој на фармерите и млекарниците во земјата.