Јаневска најави реформи во високото образование, студиските програми со мал број студенти ќе се укинуваат

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека со новите законски измени во високото образование ќе дојде до значително намалување на бројот на студиски програми, посочувајќи дека постоењето програми со по два, три или пет студенти е неприфатливо.

од desk4
18 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека со новите законски измени во високото образование ќе дојде до значително намалување на бројот на студиски програми, посочувајќи дека постоењето програми со по два, три или пет студенти е неприфатливо.

Според неа, во моментов универзитетите во земјава реализираат над 1.300 студиски програми, а дел од нив, поради недоволен интерес, ќе се самоукинат или ќе бидат затворени по сила на закон, откако јавните високообразовни установи ќе мора да се прилагодат на новите критериуми.

Јаневска информираше дека новите решенија се предвидени со измените на Законот за високо образование, Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност, кои ги изработило Националното координативно тело за реформи во високото образование, составено од над 60 професори ангажирани на пробоно основа.

Како една од клучните новини, министерката ја најави воведувањето на модуларен систем на студии. Според овој модел, студентите во првите две години ќе следат заедничка наставна програма, по што ќе се насочуваат кон конкретни области, решение кое ќе важи за сите факултети.

Таа нагласи дека укинувањето на студиски програми нема да значи отпуштања на професори, туку ќе се воведе порамномерна распределба на кадарот, поради постоечката нерамнотежа меѓу катедрите, каде на едни места има вишок, а на други недостиг од наставен кадар.

Во делот на вработувањата, Јаневска најави дека предност ќе имаат студентите кои со државна стипендија студирале на најдобрите 100 универзитети во светот, добитниците на Инженерскиот прстен и прогласените најдобри студенти, кои ќе можат полесно да се вклучат како наставно-научен кадар на факултетите.

Дополнително, таа истакна дека ќе се стимулира конкуренцијата меѓу универзитетите преку зголемено финансирање за оние кои ќе исполнуваат повисоки критериуми. Професорите кои ќе аплицираат за избор во звање ќе имаат обврска да објават најмалку шест научни трудови, од кои четири во списанија индексирани во „Веб оф сајанс“ или „Скопус“.

Со законските измени се предвидува и продолжување на мандатот на ректорите од три на четири години, активирање одбори за доверба со цел поголема транспарентност, како и реорганизација на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Јаневска информираше дека платите во секторот се зголемени за 14 отсто во текот на минатата година, а буџетот за научно-истражувачка дејност годинава изнесува 773 милиони денари, што е двојно повеќе од претходно.

Како новина се најавува и воведување национално рангирање на универзитетите, кое ќе го спроведува Министерството за образование и наука, како и воведување стручни студии, со цел подобро усогласување на образованието со потребите на пазарот на труд.