СДСМ: ЗНАМ ја води политиката како приватен бизнис

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагира на, како што наведува, нападите од ЗНАМ, обвинувајќи дека партијата ја води политиката како приватен бизнис и дека нејзините функционери не живеат од плата, туку „на грбот на граѓаните“.

од desk4
20 прегледи

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагира на, како што наведува, нападите од ЗНАМ, обвинувајќи дека партијата ја води политиката како приватен бизнис и дека нејзините функционери не живеат од плата, туку „на грбот на граѓаните“.

Од СДСМ посочуваат дека реакциите од ЗНАМ следуваат откако лидерот на партијата, Максим Димитриевски, јавно признал дека не живее од плата, додавајќи дека тие само ја објавиле, како што велат, вистината. Според СДСМ, во таканаречената „тендер коалиција“ на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ никој не живее од плата, туку од јавни пари.

„Со ваквата политика, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра“, се наведува во соопштението.

Во однос на ковид-кризата, од СДСМ велат дека тогашното задолжување на државата било насочено кон поддршка на граѓаните и стопанството, нагласувајќи дека партијата и тогаш и сега, како што наведуваат, работи во интерес на граѓаните. Наспроти тоа, СДСМ ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за луксузирање и злоупотреба на јавни средства преку тендери.

Како пример се посочува тендер од 1,2 милиони евра во Пошта, доделен на фирма блиска до ЗНАМ, во период кога, според СДСМ, вработените во оваа институција со месеци не ги добивале своите плати.

„Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот – само за нивните потреби“, порачуваат од СДСМ.