Комесарот на Европската унија за клима денеска најави формирање европски противпожарни сили со 300 припадници, кои ќе се борат против пожарите.
Европа минатата година се соочи со најтешките пожари досега, а една неодамнешна студија за тоа го обвини засилувањето на климатските промени.
Европскиот комесар за клима, Вопке Хекстра, изјави дека „силите за брз одговор“ ќе ги сочинуваат пожарникари од сите 27 земји-членки на Унијата и дека ќе бидат брзо распоредувани таму каде што ќе се појави потреба.
Хекстра наведе дека одлуката за нивно формирање е донесена минатата година и призна дека во иднина овие сили можеби ќе треба да добијат повеќе припадници и опрема, но оцени дека станува збор за „голем чекор напред во однос на состојбата од пред околу пет години“.
„Ова е јасен знак на солидарност и на нашата желба со овој проблем да се справуваме заедно“, изјави Хекстра на прес-конференција по состанокот на европските министри за клима и животна средина во Никозија, главниот град на Кипар.
Тој не прецизираше каде ќе биде базата на европските противпожарни сили, ниту дали тие ќе бидат активирани навреме за летната сезона на пожари.
Во септември минатата година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека во Никозија ќе биде отворен регионален центар за борба против пожари, кој ќе им помага и на земјите од Блискиот Исток.
Студија објавена во август покажа дека климатските промени довеле до засилување на појавата на шумски пожари во јужна Европа, со значително поголема веројатност тие да се случуваат многу почесто.