Инфлацијата не ја поттикнува растот на платите на работниците, туку зголемувањето на функционерските плати, кои не создаваат дополнителна економска вредност. Зголемување на минималецот и на останатите плати е многу мало за да предизвика некој поголем притисок врз цените, но зголемувањето на функционерските плати предизвикува поголем инфлаторен притисок, бидејќи не е поврзано со продуктивност или економски раст.
-Зголемувањето на минималната плата и на другите работнички плати не може многу да влијае врз инфлацијата затоа што е ограничена сума. Тоа не може да биде изговор за незголемување на минималецот. Може да се каже дека зголемувањето на функционерските плати, кои за многу кратко време се качија за речиси 80 отсто повеќе влијаеше на инфлацијата, а имаше и психолошки и морален аспект. И покрај тоа што имаа време да ги корегираат и намалат коефициентите за пресметка на функционерските плати, сепак не го сторија тоа, изјави за „Локално“, Џевдет Хајредини поранешен министер за финансии.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/НБРМ
Според него, барањето за намалување на функционерските плати е на место, бидејќи неможе во држава каде стандардот на работниците е многу низок одеднаш функционерските плати да се зголемат за 80 отсто.
-Револтот е оправдан и треба да се бара промена на коефицентот за пресметка на функционерските плати. И покрај тоа што ова требаше да се направи порано, тие се вадеа на тоа дека тоа е одлука на Уставен суд и треба да се почитува, вели Хајредини.
И економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека инфлацијата неможе да се зголеми поради минималната плата. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците за плати се околу 20 отсто од вкупните трошоци на фирмите во Македонија.
Јовановиќ, пак смета дека повисоката инфлација во Македонија е резултат на алчноста на газдите и на високите профити на фирмите.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/РСЕ
-Трошоците за работниците кои примаат минимална плата се околу 10 отсто од вкупните плати во државата. Тоа значи дека ако минималната плата се зголеми за 50 отсто, како што бара синдикатот, вкупните трошоци на фирмите ќе се зголемат за само 1 отсто. Но може да има поскапувања ако фирмите ја искористат ситуацијата и ги кренат своите цени повеќе од што е потребно, за да си ги зголемат профитите. Такво нешто се случува во Македонија веќе неколку години. Пример од изминатава година – минималната плата беше зголемена за 1.800 денари, а минималната потрошувачка кошница се зголеми за скоро 5.000 денари. Тоа никако не може да се објасни со минималната плата, ниту пак со другите плати. Тоа единствено може да се објасни со повисоките профити на фирмите, изјави Јовановиќ за „Локално“.
Тој смета дека зголемувањето на минималната плата е неопходно поради тоа што потрошувачката кошница е поскапена многу повеќе од растот на платите, а тоа треба да биде проследено со замрзнување на цените за да се спречат евентуални злоупотреби од страна на фирмите.
Б.С.