ССМ утре ќе го блокира Собранието од две страни

„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, односно да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците“, велат од Синдикатите

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) врз основа на заедничката Одлука на Претседателството на ССМ и Советот на ССМ, а согласно Законот за јавни собири организира протест со блокада на ден 10.02.2026 година (вторник), кој ќе се одржи пред Собранието на Република Македонија со почеток во 9 часот. Протестот ќе се одржи токму пред зградата на Парламентот, односно од две страни на улиците – “11-ти Октомври“ и “Даме Груев”.

Оттаму информираат дека пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати.

„За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањети на минималната плата ( од сегашната минимална плата и новата минимална плата). Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати.

Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за раборниците е срамно. Истите пратеници кои уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.

Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку БЛОКАДАТА ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците.

Доколку и понатаму молчат, преминуваме на собирање на 10.000 потписи со кои ќе ги намалиме нивните, а ќе ги зголемиме работничките плати. Ќе мораат да бираат, ќе гласаат за себе, а против работниците (нивните гласачи) или ќе гласаат за работниците.

За време на протестот ќе биде обезбедено непречено движење за потребите на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата, а воедно им се извинуваме на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на Блокадата по наведените улици, а секој итен случај ќе биде пропуштен да помине“, стои во објавата на ССМ.

Владата со УПОЗ при ССМ и САДУ при КСС постигна договор за зголемување на платите на административците за 40 проценти, етапно во следните три години. Над 95 насто од членовите на репрезентативните синдикати од администрацијата и правосудството се согласиле со предлогот. Исплатата ќе започне од март откако ќе потпишат поединечни колективни договори. Синдикалците и власта ова го оценија како историски чекор.

11.000 вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата ќе добијат зголемување на платите. Проценките се дека на годишно ниво ова ќе чини десетина милиони евра. Вакви договори веќе се потпишани за зголемување на платите во здравството, образованието, МВР, Центрите за социјални работи. Синдикатите и власта се договориле да го почнат дијалогот и за нов општ колективен договор.