Во јавни претпријатија на локално ниво, во министерства, агенции, комисии – во текот на овој месец се спроведуваат бројни вработувања во институции под „државна капа“, на локално и на централно ниво. Објавени се десетици огласи за вработувања, дел се веќе завршени а дел се во тек. Во некои институции огласите се однесуваат на само едно работно место но во дел од министерствата ќе се вработат и по десеттина луѓе. Вработуваат и општините – советници, референти, помлади соработници.
Министерството за социјална политика и демографија вработува неколу профили на соработници, за комплетирање на документација за остварување на права за боречка и инвалидска заштита, за заштита на правата на децата и семејството и виш референт за административно – техничка поддршка за обработка на податоци а платите се движат од 27.540 денари до 33.450 денари. Вработувања се спроведуваат и во Меѓуопштинските центри за социјална работа во Делчево и Штип.
Повеќе огласи за вработување има во Министерството за труд и економија – па така се вработуваат помлад соработник за соработка со невладиниот сектор, советник за ex-ante финансиска контрола, советник за долгорочно планирање на пазарот на трудот, помлад инспектор – Тетово, помлад инспектор Битола а висината на платите, во зависност од позицијата се движат од 30 173 денари до 36 838 денари.
Активен оглас за вработување има и во Министерство за дигитална трансформација за работна позиција – раководител во подрачно одделение за матично работење за што се нуди плата во износ од 40.248 денари.
Шест огласи за вработување објави и Комисијата за заштита од конкуренција – со отворени работни позиции за советници и помлад соработник и со плата до 36 383 денари. Повеќе огласи за вработување и Агенцијата за вработување – се бара раководител на сектор за превод и лекторирање за што се нуди плата од 40 248 денари а се вработуваат и раководители на други сектори.
Во моментов вработувања се спроведуваат и во Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, Јавно претпријатие Камена Река – Македонска Каменица а ЈЗУ Здравствен дом Гостивар има оглас за референт за набавки. Оглас за вработување има и Министерството за транспорт и врски и Министерството за спорт.
И локалните самоуправи со огласи за вработување – општините Центар, Тетово, Гостивар, Гевгелија вработуваат лица за различни позции – виш соработник за буџет, помлад референт , помлад соработник, советник од областа на сметководство, советник за комунални работи, Според податоците од објавените огласи, висината на платата варира во зависност од позицијата и од општината па така платите се движат од 27 011 денари до 41 000 денари.
Раформата во јавната администрација, која подразбира квалитативно зајакнување и деполитизирање, по правило е дел од сите извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија. На почетокот од оваа година ресорниот министер Горан Минчев најави „рационализација“ на институциите, што беше едно од ветувањата на владеачката гарнитура а „таргетот“ е намалување на институциите за 40%. Во меѓувреме , на јавна дебата е и Законот за високите раководители на органите на државната управа и на фондовите, кој според министерот ќе гарантира вработување според Мерит – принципот а не според „партиската“ книшка.
Д.А.