Димитријевиќ: ДЕА доставила податоци до Македонското и Српското обвинителство за скандалот со 5-те тони дрога

„Поради оваа меѓународна соработка, премиерот Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија“, прашуваат од СДСМ

од Nikola Popovski
211 прегледи Фото: СДСМ

Според неофицијални информации од медиумите во Србија, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога (DEA), соопштија денеска од СДСМ за запленетите 5 тони дрога во соседна Србија, која потекнува од Македонија. Поради оваа меѓународна соработка, додаваат од партијата, премиерот Христијан Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија?

Според генсекот на СДСМ, Александар Димитријевиќ, овој молк не е случаен, туку индикатор дека во тврдењата има вистина.

-Бидејќи фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, МВР, Царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна. Затоа е паниката во власта.

Наместо да се соочат со фактите, тие водат медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога.

СДСМ бара итна, независна и транспаррентна истрага која ќе даде одговор на клучните прашања: Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница? Дали Симе, од сликите со Мицкоски е исто така дел од мрежата, праша Димитријевиќ на прес-конференција.