Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека одбива да ги спроведе наводните руско-американски договори за Украина и дека води политика на „економска доминација“. Изјавите на Лавров, дадени денеска за руската телевизија BRICS, претставуваат значително заострување на тонот на Москва кон Вашингтон, пишува The Kyiv Independent.
Лавров тврди дека САД се повлекле од таканаречениот „договор од Анкориџ“, наводно постигнат во 2025 година на средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Според него, со тој договор било предвидено Украина без борба да му го предаде целиот регион Донбас на Русија.
„Нѐ убедуваа дека украинското прашање мора да се реши. Во Анкориџ го прифативме американскиот предлог. Тие понудија, ние се согласивме и проблемот требаше да биде затворен. Сега излегува дека тие се откажуваат“, изјави Лавров.
Белата куќа не го потврди постоењето на ваков договор и претходно ги отфрли ваквите тврдења.
Рускиот министер оцени дека, и покрај изјавите за движење кон „целосна и сеопфатна соработка“, Вашингтон продолжува со антируска политика. Како доказ ги наведе новите санкции и дејствијата на Западот против таканаречената руска „флота во сенка“ од танкери.
„Во пракса гледаме спротивно нови санкции и, на отворено море, вистинска војна против танкерите“, рече Лавров.
Донбас – клучна точка на спор
Русија со години бара украинските сили да се повлечат од Донбас и сè појасно го условува секој иден мировен договор со таков чекор, по повеќе од една деценија борби во регионот.
Од украинска страна, таквата можност е отфрлена, иако официјални претставници изјавиле дека би можеле да се разгледаат алтернативни решенија, меѓу кои и воспоставување демилитаризирана зона. САД, пак, изнеле идеја за создавање слободна економска зона во делови од регионот погоден од војната.
Според достапните информации, Вашингтон му порачал на Киев дека безбедносните гаранции ќе следат дури по постигнување мировен договор со Русија, кој би вклучувал и решавање на територијалните прашања поврзани со Донбас. Американски извор навел дека САД „не се обидуваат да ѝ наметнат територијални отстапки на Украина“, но нагласил дека двете страни мора да се согласат околу мировниот договор при што токму територијата останува главната пречка.
Лавров ја критикуваше и администрацијата на Трамп затоа што не ги укинала законите донесени за време на поранешниот претседател Џо Бајден, со кои беа воведени санкции кон Русија по почетокот на целосната инвазија во 2022 година.
Неговите изјави доаѓаат во период на засилени дипломатски активности насочени кон завршување на војната. Според најавите, трилатералните разговори меѓу Украина, САД и Русија би можеле да продолжат уште оваа недела.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Вашингтон врши притисок војната да заврши пред почетокот на летото, додека американскиот министер за финансии Скот Бесент пред неколку дена порача дека одлуката за евентуални нови санкции кон Русија ќе зависи од напредокот во мировните преговори.