Пратеничката група на СДСМ информира дека веќе поднела предлог-закон за минимална плата и нејзино зголемување за 600 евра. Според координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски има можности за финансиски средства за ова законско решение.
Спасовски потсети дека во време кога претходната влада дошла на функција, минималецот бил 8560 денари која ја затекнала од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот рече дека законскиот текст бил поднесен на 31-ви јануари.
-Кога заминавме од власт, таа беше 22400 денари. Таа е основата врз која сметаме дека има можност. Само треба политичка волја да излеземе во пресрет на работниците и да не ни се случуваат овие слики на блокада на Парламентот, кажа Спасовски од собраниската говорница.
На тоа, спикерот Африм Гаши рече дека не може да го стави предлогот на гласање бидејќи не бил доставен до пратениците. Бил вратен на доработка во архивата на Собранието. Гаши очекува на наредната собраниска седница, ваквиот предлог да биде доставен пред народните избраници.
-Мислам дека оваа пракса што ја воспоставувате го руши дигнитетот на Собранието и пратениците. Од тие причини, пратеничката група на СДСМ нема да учествува во работата на денешната седница, кажа Спасовски по дадената пауза од еден час.
Со по 21 човек на две локации, ССМ денеска го блокираше Собранието. Работниците бараат минималец од 600 евра и покачување на останатите плати за 6000 денари. Задутре излегуваат на нова блокада, која е најавена за пред Стопанската комора. Идниот вторник ќе блокираат пред Владата.