Филипче ќе предложи намалување на цените на патарините, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „имал 7 години да побара поевтинување“

Партиијата на Мицкоски: „Замислете Филипче дури сега дознал дека во Македонија се плаќале патарини, ама не му текна дека се истите цени од времето кога тој беше на власт“

од Nikola Popovski
97 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

„Филипче од опозиција глуми социјалдемократ, а на власт се богати од тендери и не му текнува на народот. Замислете Филипче дури сега дознал дека во Македонија се плаќале патарини, ама не му текна дека се истите цени од времето кога тој беше на власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ по најавите од СДСМ дека ќе предложат повеќе законски решенија за помош на граѓаните, меѓу кои ќе има и законско решение за намалување на цените на патарините, како дел од поширок пакет мерки за олеснување на трошоците на граѓаните.

Според најголемата владејачка партија, „цените за кои Филипче вика дека ги нема никаде во Европа, се истите кога беше СДСМ на власт и за кои неговиот сопартиец Благој Бочварски викаше дека се ниски“.

-За потсетување, Бочварски крајно лицемерно и елитистички им викаше на граѓаните ако им се скапи патарините, нека возат по локални патишта. Социјалдемократот од Тему, Филипче имаше 7 години да побара намалување на цените на патарините или во најмала рака ако бил загрижен да му се спротивстави на неговиот сопартиец Бочварски, но не го стори тоа. Или можеби Филипче бегајќи панично кон Грција сега прв пат плати патарини во животот? Она што Филипче треба да го каже, каде одеа парите од патарини во нивно време и во чии џебови завршуваа народните пари, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.

Денеска од Собранието, лидерот на СДСМ оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа.

„Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија на пример“, рече, меѓу другото, Филипче.

Слични содржини