Вкупно 21 лице добија медицинска помош по антивладиниот протест во Тирана синоќа, организиран од главната опозициска Демократска партија на Албанија, објави АТА, повикувајќи се на податоци од Министерството за здравство на Албанија.
Од нив, 19 лица беа полицајци, едно лице е пратеник во парламентот од редовите на демократите, а последното повредено лице е обичен граѓанин. Сите се надвор од животна опасност, а тројца полицајци се хоспитализирани на понатамошно лекување.
Некои од полицајците повредени во протестот беа примени со изгореници на екстремитетите или поради вдишување чад.
Ова беше трет протест низ целата земја организиран од Демократската партија на Албанија на поранешниот претседател и премиер Сали Бериша. Опозициската партија и нејзините сојузници бараат оставка од владата на социјалистичкиот премиер Еди Рама, формирање преоден (технички) кабинет и одржување слободни избори.
Протестите се случија по тврдењата на опозицијата за фалсификување на гласовите на парламентарните избори во Албанија минатата година, а тензиите ескалираа по обвинувањата за корупција против вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку.
Во октомври минатата година, Балуку беше обвинета за кршење на еднаквиот третман на понудувачите на јавен тендер или јавна набавка, а кон крајот на ноември, албанскиот суд пресуди да ја отстрани од функцијата и ѝ забрани да ја напушти земјата. Таа поднесе жалба на обете пресуди, но кон крајот на минатата недела Уставниот суд на Албанија ја потврди нејзината привремена суспензија.
Вчерашниот протест на опозицијата беше обележан со фрлање молотови коктели, огномет, судири, хаос и употреба на солзавец за растерување на толпата, според Албанската радиотелевизија.
Претставници на владејачката Социјалистичка партија на Албанија го осудија насилството врз полицијата и рекоа дека зад него стојат организирани групи, објави албанскиот новински портал „Шкиптарија“.
Претседателот на парламентарната група на социјалистите, Таулиант Бала, објави видео клип од протестот на социјалните мрежи, на кој се гледа група луѓе облечени целосно во црно и со црни качулки, кои се скриени зад знаци со слогани, формирајќи круг, пишува порталот.
Бала инсистираше Демократската партија да се дистанцира од „црните качулки“, нагласувајќи дека тие не се дел од луѓето што ја поддржуваат опозицијата, туку се „криминална група“.
Според информациите од „Шкиптарија“, токму оваа група фрлала молотови коктели и пиротехнички средства врз зградата на Албанскиот совет на министри.
Албанската министерка за внатрешни работи, Албана Кочиу, посети дел од повредените полицајци во болницата и на социјалните мрежи ги објави имињата и возраста на повредените полицајци. Најмладиот повреден полицаец наводно има 21 година.
Во својата објава, Кочиу остро го осуди насилството врз полицајците, велејќи дека не го извршиле демонстрантите, туку „организирани криминалци“. Кочиу додаде дека врз полицајците биле фрлани молотови коктели, импровизирани експлозивни направи и камења.
„Кога удирате со такви средства, тоа го правите знаејќи дека последиците можат да бидат многу, многу сериозни. Ова не е протест, ова не е судир. Ова се нарекува обид за убиство“, напиша Кочиу.
Таа ги повика органите за спроведување на законот цврсто да одговорат на ова повторено насилно однесување, нагласувајќи дека тоа е извршено „од некои криминални елементи, поттикнати од луѓе со имунитет кои поттикнуваат насилство“.
Албанскиот министер за правда Бесфорт Ламалари, цитиран од Албанската радиотелевизија, рече дека нападите со експлозиви и други акти на насилство претставуваат јасно кршење на легитимното право за одржување мирни протести.