Ралповски награден со место во УО во Фондот за здравство бидејќи не излегува на протестите, тврди Трендафилов

Претседателот на ССМ: „Ако ги наградувате партиските полтрони, а ги напаѓате луѓето кои се борат за зголемување на работничките плати, нема да не премислите. Ќе бидеме уште пожестоки и уште посериозно ќе ја сфатиме работничката борба“

од Nikola Popovski
186 прегледи Фото: Фејсбук

Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов денеска побара од Владата одговор дали претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), Благоја Ралповски е поставен во Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

-Ве повикувам да побарате од Владата информација како тоа претседателот на КСС, како награда за тоа што не излегува на протестите со работниците за зголемување на работничките плати е награден со место во УО во Фондот. Ве повикувам да истражите како ги наградуваат своите партиски потрчковци во Пошта, истите кои праќаа мејлови за отчленување од еден во друг синдикат и потоа назначени во Надзорниот одбор во Пошта. Ако ги наградувате партиските полтрони, а ги напаѓате луѓето кои се борат за зголемување на работничките плати нема да не премислите. Ќе бидеме уште пожестоки и уште посериозно ќе ја сфатиме работничката борба, кажа Трендафилов на денешната прес-конференција.

Ралповски пред неколку дена беше во Владата, кога беше постигнат договор за етапно покачување на платите кај административните службеници во управата и правосудството. На новинарско прашање дали ќе го поддржат протестот на ССМ, одговори дека покана немаат, но „ќе има поддршка“.

-Немаме покана, никогаш не сме излегле на заеднички протест. Тоа што ССМ го бара, еве јас можам лично да кажам, да, ќе има поддршка, но зошто да биде 600 евра, нека биде 700 евра, зошто платите да се усогласат само 100 евра, треба да се усогласат толку колку што ќе расте минималната плата, потенцира Ралповски.

Неодамна во гостување на телевизиска дебата, претседателот на КСС рече дека барањето на ССМ за покачување на минималната плата за плус 200 евра е популистичко барање. Вели дека сите сакаме да имаме 600 евра минималец, но објаснува дека посакува системско решение – промена на Законот за минимална плата и да имаме минимален работен час.

За Ралповски, барањето на ССМ за 200 евра покачување на минималецот е „популизам“

Слични содржини