Во Хрватска отворено ново училиште во кое ќе се изучува предметот Македонски јазик и култура

Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска континуирано дава поддршка во развојот и на образованието на јазикот и писмото на националните малцинства

од Nikola Popovski
11 прегледи

Во градот Света Недела кој се наоѓа во непосредна близина на Самобор свечено беше одбележан почетокот на наставата за изборниот предмет Македонски јазик и култура. Иницијативата за отворање на ова училиште беше граѓанска, а иницијатор е професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која веќе го предава истиот предмет во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво ,,Охридски бисер” во Загреб.

Со поддршка од Заедницата на Македонците во Република Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ,  како и со помош од страна на Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска дојде до реализација и почнување на програмата. Присутните на почетокот на наставата сведочеа за детски насмевки и исполнети желби на најмладите кои уште од почетокот на учебната година со нетрпение го очекуваа тој ден. Самата желба е произлезена од синовите на професорката Брезовец и пријателите кои ги имаат во своето училиште што е само доказ дека во обичните животи на Македонците во дијаспората можат да се случат убави и важни настани.

На работниот состанок кој се одржа минатата недела во училиштето во Света Недела присуствуваа и македонскиот амбасадор, Драган Ѓурчевски, советничката за ултура и директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, и началникот на Секторот за малцинства при Министерското за наука, образование и млади на Република Хрватска, Милан Вукелиќ. Домаќини на настанот беа директорот на подрачното училиште „Стрмец”,Ѕвонимир Маркиќ кој со голема радост ја прифати идејата за остварување и реализација од самиот почеток, градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец, заменик градоначалникот Марио Пшеничњак и советничката за односи со јавноста и протоколи, Ања Блажина Болјевиќ.

На состанокот од страна на Вукелиќ беше нагласено дека Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска континуирано дава поддршка во развојот и на образованието  на јазикот и писмото на националните малцинства. Тоа е начин на кој се создава  инспиративна средина каде слободно учиме едни за други и едни од други.

Во Република Хрватска, овој предмет го учат 108 ученици, во осум основни училишта кои се наоѓаат во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит.  И во три гимназии кои се наоѓаат во Загреб, Риека и Осиек. Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, но истиот го посетуваат и други ученици. Предметот е изборен и се внесува во свидетелствата. Со ова Република Хрватска се вбројува во редот на ретките земји кои овозможуваат да се учат јазиците на малцинствата, а кои се признаени и во самиот Устав.

– Како Македонци секогаш сме позитивно прифатени и взаемната почит е на највисоко ниво. Градот Света Недела е град пријател со Гостивар, па се надеваме дека училиштето и учениците ќе бидат дел од идни заеднички проекти преку кои ќе сведочиме за идни позитивни примери, истакнуваат претставници на македонската заедница во Хрватска.