Бугарското собрание го ратификуваше Договорот со Македонија за изградбата на железничкиот тунел

Бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски во оставка, Гроздан Караџов истакнал дека делот што недостасува во нивната земја е само 2,4 км од станицата Ѓуешево до државната граница со Македонија кај Деве Баир

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук профил на Александар Николоски

Бугарскиот Парламент го усвои Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Бугарија и Владата на Македонија за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел, потпишан на 6 ноември 2025 година во селото Ѓуешево. Постигнатиот договор е резултат на долгорочните напори на Бугарија за спроведување на железничката врска меѓу Софија и Скопјe и е важен чекор кон поврзување на железничките мрежи на двете земји и изградба на делот што недостасува од Коридорот 8, се наведува во образложението на предлог-законот.

Бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски во оставка, Гроздан Караџов истакнал дека делот што недостасува во нивната земја е 2,4 км од станицата Ѓуешево до државната граница со Македонија кај Деве Баир. Според него, тунелот ќе биде долг само 2,4 км, но неговото значење далеку ја надминува неговата големина.

-По повеќе од 83 години молк за кривините на овој тунел, откако првите метри од нашата страна веќе се ископани, изградбата повторно ќе продолжи и вие ќе го овозможите ова денес со вашиот глас, им се обратил тамошниот министер на народните претставници во Бугарија.

Спогодбата ги регулира обврските на страните за изградба на прекуграничен железнички тунел во граничната зона на железничката линија, вклучувајќи го и доделувањето јавни договори за изградба и надзор на изградбата, како и напорите за обезбедување грантова помош за изградба на објектот, кој треба да ги исполни барањата на ЕУ и НАТО за овој вид инфраструктура. Планирано е во краток временски период по стапувањето во сила на договорот да се изготви прелиминарен распоред за подготовка и изградба на тунелот, кој ќе биде презентиран на Европската комисија и на европските банкарски институции кои го финансираат. Спогодбата предвидува создавање заеднички комитет за координирање на сите активности и решавање на прашања поврзани со изградбата, работењето и одржувањето на локацијата врз основа на соодветните одлуки на двете страни, се наведува во образложението на законот.

На второто читање на законот, ратификацијата на Договорот била поддржана од 171 пратеник од сите парламентарни групи, со исклучок на осум пратеници ко биле воздржани.

Колку за потсетување, договорот беше потпишан на 6-ти ноември лани во присуство на Караџов и македонскиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Пругата Скопје-Софија, чија изградба е почната во 1994 година, се гради во три фази, а проценките на надлежните институции се дека со неа ќе се зголеми товарниот превоз за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по изградбата. Завршена е изградбата и реконструкцијата на првата делница Куманово – Бељаковце во должина 30,8 километри (40,5 милиони евра). Во тек е изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра, каде прогресот на работите е 35 проценти, а рокот за заврување е крајот на 2026 година. За третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение, според најавите, следниот месец ќе се распише повикот за избор на изведувач. Изградбата на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничниот, како и 52 моста, се смета за најголем предизвик. Со тендерот што пропадна, како што објави новата влада на почетокот на мандатот минатата година, вредноста од првично планираните 340 милиони евра била зголемена на 560 милиони евра.

Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој на крајот на јуни лани на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел.