По објавата дека дански инвестициски фонд веќе купил 250 станови во изградба на атрактивни локации во Скопје, а до крајот на годинава планираат да купат уште најмалку толку, дел од опозицијата со став околу ова прашање. Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ стравува дека може да станеме, како што вели, мафијашки град и држава.
„Кој стигне ќе прави пари од народот во Македонија – државата толку не интервенира што ќе ни прават Блекрок, да станеме киријашки град и држава. Најмалку, не смеат да почнат странски холдинзи и инвестициски групи да купуваат готови станбени единици. Така ќе се создаде екосистем помеѓу овдешната урбанистичка мафија и овие странски сопственици, што за возврат ќе ги осакати квалитетот на живот и економската положба на луѓето“, стои во објавата на Мециновиќ.
Дански „Вексткапитал груп“ веќе воспоставил соработка со неколку поголеми градежни компании во земјава. Оттаму велат дека нивниот интерес за инвестирање во Македонија се должи на позитивните економски изгледи за земјава, но и на атрактивниот пазар на недвижности.
Во периодот од октомври до декември 2025 година на територијата на државата регистрирани се 1.004 новоизградени станови од инвеститор, што е за 159 повеќе во однос на претходниот квартал, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности. Истовремено, во фаза на градба се 26.522 објекти, за кои се водат листови за предбележување, што укажува на значителна понуда која допрва ќе излезе на пазарот.
Највисоката постигната цена на стан изнесува 182.404 денари по квадратен метар и е реализирана во општина Центар за стан од 83 квадратни метри, со вкупна вредност од 246.171 евро. Во четвртиот квартал се регистрирани вкупно 9.283 трансакции со недвижности, што е за 964 повеќе од претходниот квартал. Од нив, 6.230 се купопродажби, а 3.053 се договори за закуп, што укажува на зголемена активност на пазарот.
Најмногу продадени станови има во општина Аеродром, додека најголем број вкупни трансакции се евидентирани во општина Центар.