ВЛЕН ги симна ДУИ од власт, има сѐ на тацна, но дали може да се искоординираат меѓусебе за да стане стабилен политички фактор?

Коалицијата од неколку политички субјекти од албанскиот блок ќе прерасне во партија, но, најавената реконструкција на Владата не секогаш е желботека: Дали „искрите“ меѓу партнерите може да предизвикаат „пожар“?

од Nikola Popovski
42 прегледи Фото: Фејсбук/ВЛЕН

Почна процесот на формирање на партијата ВЛЕН. Чаирскиот градоначалник и еден од лидерите, Изет Меџити ја поздрави одлуката на Биљал Касами за распуштање на Централното претседателство на БЕСА. Во следниот период тоа ќе го направат и останатите структури, почнувајќи од моето Демократско Движење – посочи Меџити и додаде дека со тоа ќе се исполни барањето на членство за еден цврст и стабилен политички субјект на Албанците. Кој ќе го предводи – не е одлучено-но на маса се повеќе идеи, вели Меџити, меѓу која и систем на ротација. Најавите на Касами за промена на министерските кадри, Меџити ги остава во рамките на партијата. Убеден е дека ќе се надминат овие прашања.

„Во однос на кадрите секој по својот учинок се анализира, и нормално при секоја реконструкција да има и промени и подобрување во таа насока. Во однос на лидер не сме фокусирани моментално на персонални решение. Сакаме прво да изгради платформа, идеолошки структури и ќе дојдеме до тоа. Има креативни идеи со ротација, има копретседателство“, изјави Меџити.

Лидерот на Движењето Беса изјави дека партијата ќе направи оценка на работата на сите свои функционери во извршната власт, прв на листата за замена е министерот за труд и социјална политика, Фатмир Лимани, а посакува и промени во ресорот правда на местото на Филков. Премиерот Христијан Мицкоски, пак со став дека е задоволен од работата на Лимани и дека нема информации за негова смена. Дециден е дека тој ги носи одлуките како мандатар.

При трансформацијата на коалицијата ВЛЕН во партија, клучни се два принципа – рамноправноста и консензуалното одлучување, порача претседателот на Собранието и поранешен лидер на Алтернатива, Африм Гаши. Во спротивно, тој е дециден дека Алтернатива нема да биде коалициски партнер и во таков случај ќе поднесе оставка на претседателската функција во Собранието. Според Гаши, најдобрата идеја е водството да биде со ротација на сите лидери , а не со копретседавање меѓу Меџити и Касами како што според информациите се договориле тие. Ако не поминат двата принципи, иднината на Алтернатива е во рацете на лидерот на Алтернатива, Беким Сали, па макар било и оставки.

Каква е иднината на ВЛЕН и што се крие зад искрите меѓу владините коалициони партнери?

ВЛЕН се уште е спој на неколку субјекти во коалиција. Според мене, во цела таа структура има и не така мали концептуални и идеолошки разлики, и дека главната кауза им беше симнување на ДУИ од власт, вели во анализа за „Локално“, политичкиот аналитичар, Александар Ристевски. Според него, дали во меѓувреме успеаја да се искоординираат, надминат себе си, а и да искреираат сопствена програма и идеологија, ќе видиме во многу скоро време. Истакнува дека тие се сега сериозен владин играч и водат еден куп значајни општини.

Александар Ристевски/Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Значи имаат се на тацна, до нив е само да се искоординираат и да станат репрезентативен политички субјект кој би требало да ги задоволи потребите и барањата на граѓаните, оценува Ристевски.

Зад расправите меѓу владините партнери, додава соговорникот, секако се работи за наисполнети барања, желби на партиското водство на БЕСА или пак немање разбирање за некоја нивна агенда, за која претпоставува Лимани или Филков не излегуваат во пресрет.

-Ставот на премиерот беше дециден: Тој е мандатар и тој ја составува и аминува владата и кадровските решенија, заклучува Ристевски.

Аналитичарот смета дека најавената реконструкција на Владата не секогаш е желботека, туку проценка за сработено, оперативност и функционалност, но неретко и математика.

-Изминатите неколку месеци се нафрлија неколку имиња, но и менување на ресори, на крајот сепак може да има и решенија кои се изненадување, а и најизвиканите да опстанат, доколку се реформирале или го подобриле перформансот, наведува Ристевски.

Фракцијата на Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Фетаи, е за моделот на ротирање на партиското раководство. Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервју за Алсат, рече дека според АА, овој модел создава еднаквост, но рече дека нема ништо против партијата да ја води лидер кој би бил обединувачка фигура.

Фетаи, пак нагласува дека еднаквоста меѓу четирите партии е фундаментален принцип, објаснувајќи дека „делот на ВЛЕН е поделен на четири четвртини“.

-Постојат неколку принципи. Првиот е еднаквоста на четирите субјекти, како што знаете, уделот на Влен е поделен на четири четвртини. И ова е основен принцип за мене, ова е вистинската формула за успех на Влен и на парламентарните и на локалните избори, изјави членот на едното од трите крила на АА.

Пред една недела, претседателот на БЕСА, Касами рече дека ВЛЕН моментално има договор, но за следните парламентарни избори ќе мора да се направи нов. Но, дали Касами и Меџити ќе се согласат дека принципот на поделба на 25% за 4-те субјекти ќе важи и на следните избори, останува да се види. Посакуваното сценарио за Фетаи останува спојување на сегашните партии и регистрација на Влен како единствен политички субјект, додека изборот на лидер, според него, воопшто не е проблем.

-Прво на сите, ние како АА во рамките на Влен сме заинтересирани да разговараме за принципи, прашањето за избор на претседател е процес кој воопшто не е проблематичен и доаѓа на самиот крај кога се договорат премисите, принципите, методот на функционирање и структурирање, изјави Арбен Фетаи од АА/ВЛЕН.

Н.П.