Кузеска: Мицкоски со владин авион на море – работниците на протест со празни џебови

„Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација - Будимпешта, кај нивниот шеф Груевски“, обвини портпаролката на СДСМ

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: СДСМ

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска од пред зградата на Владата обвини дека премиерот Христијан Мицкоски со владин авион и парите од граѓаните, бил на одмор на Јадранското море. Кузеска оценува дека премиерот се луксузира врз грбот на народот, исто, како што вели, како претходниот премиер Никола Груевски кој избега надвор од Македонија.

Портпаролката на СДСМ потенцира дека пола Влада се шетала со владиниот авион.

-Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот. Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион? Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, праша Кузеска.

„Телма“ повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата, вчера објави на кои релации најмногу се користел владиниот авион, но и кои членови на Владата најмногу го користеле во периодот откако е формирана владата на премиерот Мицкоски, односно од јуни 2024 година до декември 2025 година.

Според податоците, Мицкоски владиниот авион го користел трипати. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа и дека неколку дена Мицкоски ќе одмара во Хрватска. Тој патувал и до Тирана. За еден лет од Скопје до Белград нема целосни податоци, пишува дека корисник е претседател на Влада, но графата за патници е празна.

Од министрите владиниот авион најмногу го користеле министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски, а најчесто летал токму за Будимпешта. Тој го користел авионот 11 пати, од кои шест пати бил таму.