Политичка бура во Вреди – Алтернатива и крилото на Алијанса за Албанците ја кочат формулата за двојно претседателство

Додека јавно се зборува за обединување, зад кулисите се води битка за контрола врз новата партија. Дали моделот со двајца претседатели е гаранција за рамноправност или вовед во нова поделба? Ќе излезе ли Вреди посилна од процесот или ова е почеток на распаѓање?

од Vladimir Zorba
45 прегледи

Обидот коалицијата Вреди да се трансформира во политичка партија, наместо да означи момент на консолидација и демонстрација на сила, отвори чувствително прашање што може да го одреди нејзиниот понатамошен развој: дали обединувањето е реален процес на интеграција или само формално спојување зад кое се кријат нерешени амбиции и различни визии за лидерство?!

Информацијата дека новата партија би ја предводеле двајца претседатели – лидерот на Беса Билал Касами и лидерот на Демократско движење Изет Меџити, наместо да го затвори процесот на прегрупирање, според партиски извори, ги продлабочила несогласувањата внатре во блокот.

Според неофицијални информации, Алтернатива и крилото на Алијанса за Албанците што го предводи Арбен Фетаи засега не даваат согласност за моделот на двојно претседателство.

Нивната резервираност не е само прашање на формална организациска шема, туку сигнал дека во процесот на трансформација се отвораат теми поврзани со распределбата на влијание, политичка тежина и идната позиција на помалите субјекти во рамките на новата структура.

Моделот со двајца претседатели може да се толкува како обид за балансирање меѓу двете најсилни компоненти во коалицијата – Беса и Демократското движење, со цел да се избегне доминација на едната врз другата.

Во теорија, ваквата поставеност треба да испрати порака за рамноправност и партнерство. Но во пракса, особено во политички контекст во кој персоналното лидерство има силна тежина, двојното раководство може да создаде паралелни центри на одлучување и потенцијални блокади доколку не се прецизираат надлежностите и механизмите за решавање спорови.

За помалите партии, стравот може да произлегува од можноста новата партија да се конституира како јасно дефинирано јадро околу двете најголеми структури, додека останатите да останат со ограничено влијание врз клучните одлуки.

Во таков распоред, нивната политичка автономија би се намалила, а идентитетот би се растворил во пошироката рамка без гаранции за соодветна застапеност.

Доколку не се постигне договор, дознаваме од нашите партиски брифери, извесно е сценариото во кое Беса и Демократското движење ќе ја формираат новата партија Вреди, додека Алтернатива, крилото на Алијанса за Албанците, Движењето Арберија и „Самоопределување“ претставена преку Беким Ќоку, ќе останат одделни субјекти што ќе соработуваат преку коалициски договор.

Таквата поставеност би овозможила заеднички настап на изборите, но би ја задржала внатрешната дистанца меѓу партнерите. Тоа, пак, отвора дилема дали Вреди ќе биде единствениот политички субјект или проширена коалиција со различни центри на одлучување.

Пошироко гледано, трансформацијата од изборна коалиција во единствена партија секогаш носи ризик. Додека коалицијата функционира врз основа на договор за заеднички настап, партијата бара јасна хиерархија, статутарна дисциплина и дефинирани механизми на контрола. Во тој процес неизбежно се поставува прашањето кој носи конечни одлуки и како се распределува политичкиот капитал стекнат на избори.

Перцепцијата во јавноста ќе зависи од тоа како ќе се артикулираат овие несогласувања. Ако дебатата се сведе на лични амбиции и функции, тоа може да ја еродира довербата кај гласачите кои очекуваат стабилност и јасна визија.

Доколку, пак, процесот се води транспарентно и се објасни како суштинска расправа за моделот на управување, тогаш несогласувањата може да се претстават како дел од нормална демократска динамика.

Она што е извесно е дека следните чекори ќе бидат клучни за идентитетот на Вреди.

Наместо симболичен чин на обединување, процесот се претвора во тест за способноста на коалицијата да ги усогласи интересите на своите компоненти.

Дали ќе се изгради компактна политичка партија со јасна структура или ќе се задржи флексибилен коалициски модел со автономни партнери, ќе зависи од тоа дали компромисот ќе се постигне зад затворени врати или несогласувањата ќе се продлабочат во јавноста.

Б.Т.