Николовска за изборот на државен обвинител: Не може да говорите за демократски избор кога Владата дава право само да гласате за тоа што они го наметнуваат

„Кај нас (во Македонија) нема дебата, и доколку некој даде изјава која е спротивна на мислењето на партијата која е на власт, тој кој што ја дал таа изјава не е пријател на таа политичка партија“, вели поранешната судијка за „Локално“

од Nikola Popovski
52 прегледи Фото: Фејсбук/Институт за човекови права

Во текот на вчерашниот ден Советот на јавните обвинители ја одржа својата 38. седница на која на Владата и предложи четири имиња за избор на нов јавен обвинител на Република Македонија, обвинителките Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ и Анита Тополова – Исајловска како и судијата Ненад Савески, додека пак негативно мислење од Советот доби поранешниот судија Владимир Панчевски.

Во врска со процедурата за избор на нов државен обвинител, „Локално“ разговараше со поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска која вели дека издвојувањето на само еден кандидат од страна на владата и негово предложување во Собранието кога имате мнозинство кое гласа се што е предложено од Владата без размислување фрла сериозен сомнеж за тоа колку всушност е демократски начинот на избирање на новиот Државен обвинител.

„Не можете да се прифати дека се прави демократски избор кога предложен е само еден човек а од друга страна го имате мнозинството во парламентот, а кај нас праксата се знае каква е: Тој што го има мнозинството во парламентот, таа политичка партија што ќе предложи тоа се усвојува. Како може да станува збор за демократија кога тие (Владата) не ви даваат право на избор, ви даваат право само да гласате за тоа што они ви го наметнуваат?“ прашува таа.

„Таа политичка партија што е на власт таа е неприкосновена и на сето тоа имаме ситуација каде што оваа политичка партија во целиот правен систем води, и кај законодавната власт и кај извршната и во таа насока кога овие две власти се посилни вршат големо влијание врз изборот (на Државен јавен обвинител)“. Додавајќи дека тоа влијание е причина за оневозможување на судската власт и обвинителството да функционираат самостојно.

Судијката Цаца Николовска го критикуваше и нивото на демократски капацитет особено кај креаторите на политиките, „Кај нас (во Македонија) нема дебата, и доколку некој даде изјава која е спротивна на мислењето на партијата која е на власт, тој кој што ја дал таа изјава не е пријател на таа политичка партија, што демократијата такво нешто не може да прифати, не признава“.

Топката е сега префрлена кај Владата којашто треба да одбере еден од кандидатите кои имаат добиено позитивно мислење од Советот на јавни обвинители и да го предложи до пратениците во Собранието. Според Законот за јавното обвинителство не е предвиден временски рок во кој Владата треба да го направи својот избор.

К.Д.