Соединетите Американски Држави, предводени од Доналд Трамп, бараат од НАТО да намали дел од своите странски мисии, вклучително и оние во Ирак и Косово, објави „Политико“, повикувајќи се на четири дипломати од НАТО.
Порталот со седиште во Брисел објави дека САД со месеци лобираат за намалување на мировните мисии во Косово и работат на спречување на Украина и сојузниците од Индо-Пацификот формално да учествуваат на годишниот самит на Алијансата во Анкара во јули.
Напорите ја одразуваат намерата на Белата куќа да го врати НАТО во строго евроатлантска одбранбена алијанса, а воедно да ги ограничи активностите надвор од таа област што одат подалеку од основните мисии за одбрана и одвраќање, пишува „Политико“.
Овој потег внатрешно се нарекува „враќање на фабрички поставки“, според четири дипломати на НАТО кои разговарале со „Политико“.
Белата куќа одби да одговори на барањето од порталот за програмите и глобалните операции на НАТО.
Од друга страна, САД планираат да повлечат околу 2.500 војници од Ирак, според договорот со ирачките власти во 2024 година, што, според претставници на американската администрација, е дел од посветеноста на Трамп да „ги прекине бескрајните војни“, сè во тесна координација со Багдад.
Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека сакаат да ги намалат и војниците на КФОР, како дел од мисијата во Косово, според четворицата дипломати, што е поголем проблем за европските сојузници, иако разговорите се уште се во почетна фаза.
Мисијата, под покровителство на Обединетите нации, е присутна во Косово од 1999 година и моментално има 4.500 војници.