Бугарското ВМРО прашува како Македонија има пристап до својот извештај за напредокот во ЕУ без тој да биде јавно објавен

ВМРО-БНД обвинува дека Томас Вајц и уште неколку европратеници биле „великодушно платени од македонската влада“

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Фејсбук/ВМРО-БНД

Бугарската партија ВМРО-БНД критикува дека во Македонија веќе биле објавени делови од Извештајот за напредокот на земјава кон Европската Унија. Партијата со контроверзни ставови кон нашата земја жали што тој е достапен и до Владата на Христијан Мицкоски. Во нивното соопштение, меѓу другото, се обвинува и европратеникот Томас Вајц.

-Ова не е само апсурдно, туку и скандалозно. Овој извештај ќе биде презентиран пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на 26 февруари. Досега, само известувачите во ЕП, нивниот персонал и одредени европратеници имале официјален пристап до него. Како е можно земја-кандидат за членство во ЕУ да има прелиминарен пристап до овој извештај, а тој да не биде објавен и официјално презентиран?

Известувачот за напредокот на Северна Македонија е Томас Вајц – австриски европратеник со влијание во ЕП, кој активно лобираше за минатогодишниот извештај за гласањето во ЕП за признавање на таканаречениот „македонски јазик и идентитет“. Томас Вајц го посети Скопје. минатата недела и е познат по своите врски со Христијан Мицкоски и владејачката партија во Северна Македонија. И според разни извори, постојат тврдења дека тој и другите европратеници се великодушно платени од владата на ВМРО-ДПМНЕ, стои во партискиот став, пренесуваат дел од бугарските медиуми.

Партијата апелира до бугарската влада да праша од каде медиумите во Македонија добиле такви информации. Апелираат до официјалниот кабинет на бугарската влада да не отстапува од, како што велат, ставот на Бугарија за Северна Македонија и многу појасно и поотворено да ја искаже својата поддршка за бугарското малцинство во земјава.

-Апелираме до бугарските претставници во Европскиот парламент да спречат лажни тврдења во извештајот и јасно да ги наведат фактите дека Северна Македонија стопира на патот кон ЕУ и не ги исполнува договорите што ги склучила.

Категорични сме дека е прашање на национално достоинство бугарската држава да се придржува до рамковниот европски став кон Северна Македонија и да не дозволува никакви отстапки поврзани со бугарската историја, минато и сеќавање и правата на нашите сонародници.

Ако Северна Македонија сака да стане дел од Европската Унија, мора да ги исполни договорите што ги склучила и да не си дозволи да се обиде да ги заобиколи. Од ВМРО потсетуваме дека Северна Македонија потпиша договор за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година и го ратификуваше францускиот предлог од 2022 година, стои во соопштението на бугарското ВМРО.