Фетаи за мечот Вардар-Башкими: Навредливите скандирања се апсолутно неприфатливи

„Очекуваме ФФМ и надлежните органи да реагираат професионално и решително до потребните санкции против одговорното лице и нивниот клуб, за да не се повторат вакви ситуации“, порача вицепремиерот

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук/Арбен Фетаи

Вицепремиерот за добро управување, Арбен Фетаи, вели дека навредливите скандирања и говорот на омраза на натпреварот Вардар-Башкими во саботата се апсолутно неприфатливи.

„Настаните на натпреварот помеѓу Вардар и Башкими уште еднаш докажаа дека спортот во нашата земја продолжува да се соочува со однесување кое нема никаква врска со духот на спортот, фер-плејот и меѓусебното почитување.

Навредливите скандирања и говорот на омраза се апсолутно неприфатливи. Силно ги осудувам ваквите прикази и отфрлам секој обид за нивно минимизирање или оправдување.

Очекуваме Фудбалската федерација и надлежните органи да реагираат професионално и решително до потребните санкции против одговорното лице и нивниот клуб, за да не се повторат вакви ситуации никогаш повеќе“, порача Фетаи и додаде дека во исто време, изразува почит кон фудбалерите и членовите на управата на Башкими за покажаниот професионализам, смиреност и разумност.

„Овој пристап заслужува восхит и е пример за тоа како треба да се однесува нашиот спорт“, стои во пораката на вицепремиерот.

Претходно Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро ги демантира изнесените наводи во јавноста од страна на новинарот Фуркан Салиу поврзани со натпреварите Вардар – Башкими и Шкендија Арачиново – Преспа.

„Во однос на обвинувањата за наводна употреба на сила од страна на полицијата на натпреварот Вардар – Башкими, категорично ги отфрламе истите.

Напротив, припадниците на Министерство за внатрешни работи на Македонија (МВР), најпрофесионално и исклучително коректно ја извршуваа својата работа, дури и во моменти кога беа вербално и физички нападнати од лица од раководните структури на клубот од Куманово.

Обидите тоа да се претстави како „употреба на сила“ се тенденциозни и злонамерни“, рекоа, меѓу другото, од ФФМ.

Мечот одигран пред два дена на комплексот Петар Милошевски во Скопје кој заврши со победа на домаќинот од 1:0, имаше ужасен финиш и катастрофално „трето“ полувреме.

„Клубот ФК Башкими 1947 ја информира јавноста и медиумите дека на денешниот натпревар против ФК Вардар, во последните минути од средбата, навивачите на домаќинот започнаа со навреди по национална база, користејќи неприфатливи повици како: „Добар Албанец, мртов Албанец“.

Овие повици беа повторени неколкупати, создавајќи тензична и неприфатлива атмосфера. Напротив, немаше соодветна реакција од делегатот на натпреварот и судијата сè додека фудбалерот на нашиот клуб не беше принуден да интервенира и привремено да го отстрани тимот од теренот.

Посочуваме дека ова беше единствената причина тимот да се повлече од теренот на неколку минути“, стоеше во соопштението на тимот од Куманово.