СДСМ се нервозни зошто Груби е уапсен и може да изнесе податоци за нивните криминали, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Партиски препукувања и обвинувања по враќањето на екс-вицепремиерот во земјава преку ГП „Блаце“

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ смета дека во редовите на социјалдемократите се нервозни по приведувањето на екс-вицепремиерот Артан Груби. Од владејачката партија порачуваат: „Ги разбираме од СДС, тие се нервозни и фрустрирани зошто Артан Груби е уапсен, и сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружно работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче.

Затоа од СДС се обидуваат да ги затскријат трагите и на овој начин да се спасат себе си“, стои во реакцијата на партијата на власт.

СДСМ тврди дека ДУИ го спасува премиерот Христијан Мицкоски и дека како што бегството на Груби беше дел од политички договор така е и неговото враќање. Според нив, Секој што го прекршил законот мора да одговара.

„После денешниот театар на македонската граница веќе на сите им е јасно дека бегството на Артан Груби беше политички договор. СДСМ ова го најави уште во декември 2024 година. Сега само се потврди пред очите на македонската јавност.

Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија да се врати“, велат од СДСМ.

Според МВР, утрово при влез во државата, Груби, за кого била активна мерката „апси“, бил приведен и задржан за понатамошна постапка. Груби, кој беше прв вицепремиер во владината коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба поврзана со работењето на Државна лотарија. Во предметот е осомничен заедно со Перпарим Бајрами, а според наводите, станува збор за криминал тежок околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.

Според објавените информации, Груби раководел со владината седница на која било одобрено барањето за набавка на ВЛТ апаратите, иако, како што се тврди, јавната набавка била незаконска.

Ревизорските наоди, исто така, посочиле на над 180 милиони денари, односно близу три милиони евра, спорна, невалидна или неуредна документација во работењето на Лотарија.