Дали образованието е прилагодено на македонскиот пазар на труд?

„Нашата цел е младинското учество да не биде формалност, туку реален механизам што ќе придонесува кон подобрување на економската и социјалната положба на младите“, велат од МСПДМ за „Локално“

од Кристијан Димков
18 прегледи Фото: Принтскрин/Фејзбук/Официјална страна на УКИМ

Еономската состојба на младите во Македонија е отсликана со негативни статистички показатели на секој чекор: низок процент на вработеност и висок процент на млади луѓе кои припаѓаат во категоријата NEET (Not in employment, education, or training) со што ефективно огромен број на млади се на маргините на општествените случувања, според анализата „Локално“ од минатата недела.

Со оглед на тоа што обрнување на мало внимание кон овие два статистички показатела, без понатамошно анализирање на достапните податоци, отвара голем број дилеми, „Локално“ упати прашања до Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) како најзасегната институција која работи на подобрување на младинскиот стандард.

Воспоставувањето на локалните младински совети претставува: „…значаен исчекор кон институционализирано учество на младите во процесите на донесување одлуки на локално ниво.“ истакнаа од Министерството за социјална политика, демографија и млади за „Локално“.

Напоменуват дека „резултатите се разликуваат во зависност од капацитетите и посветеноста на локалните самоуправи“.

Според нив, следната фаза на Локалните младински совети треба да биде зајакнување на нивниот капацитет, обезбедување на одржливо финансирање за истите и систематско вклучување на младинските совети во креирање локални економски и развојни политики.

„Нашата цел е младинското учество да не биде формалност, туку реален механизам што ќе придонесува кон подобрување на економската и социјалната положба на младите.“, додаваат од Министерството

Од Министерството сметат дека образованието треба да одговара на потребите на пазарот на трудот, но не смее да се редуцира исклучиво на инструмент за вработување, додавајќи дека нивниот „пристап кон образованието треба да го подготви младиот човек не само за првото вработување, туку и за долгорочна професионална стабилност и општествена активност“.

Тие, меѓудругото, истакнаа дека преку меѓуинституционална соработка и во согласност со европските политики се стремат да комбинираат квалитетно образование, практична обука и доживотно учење додавајќи дека во образовниот процес.

„Младите треба да стекнат: професионални компетенции, дигитални и трансверзални вештини и способност за адаптација кон променлив пазар на труд.“, велат оттаму.

„Нашата стратешка определба е создавање услови во кои младите ќе имаат пристап до квалитетни работни места, стабилни договори и можности за професионален развој, со цел да ја градат својата иднина во државата“, изјавија од Министерството за „Локално“.

Додавајќи дека го следат развојот на политиките на „флексигурност“ и ја препознаваат нивната потенцијална примена особено во делот на активни мерки за вработување, поддршка при транзиција од образование кон работа и модернизација на социјалната заштита.

Но, според нив „имплементацијата на ваков модел бара силни институции, ефикасни служби за вработување и одржлив систем на социјална сигурност.“

Власта со слаби резултати во однос на вклучувањето на младите во пазарот на трудот

Според извештајот на ДЗС за активно население во трето тримесечје 2025 година дека секој трет млад човек е вработен (36.6%) додека Македонија има околу 53 000 студенти (16.4% од младите) и околу 67 000 средношколци (20%).

Младите луѓе претежно работат прекаријатски краткорочни работи без кариерна перспектива во терцијарниот сектор (особено малопродажба, угостителство и корисничка подршка) што претставуваат сектори кои се „први на удар“ во случај на глобални кризи кога економијата забавува и потрошувачките трошоци паѓаат.

Огромен проблем претставува и однесувањето на работодавачите во вакви општествени ситуации на „послаб пазар на труд“ кои сакаат да го максимизираат својот профит и имаат тенденција да даваат приоритет на искусните работници наместо интерно да обучуваат нови работници со што младите баратели на работа се соочуваат со сериозен ризик од исклучување, според истражувањето на британската Youth Futures фондација.

Властите во Македонија во изминатите години имаат направено повеќе обиди за имплементација на проекти како „Гаранција за млади“ чија цел е поголемо вклучување на младите во пазарот како дел од мерките за намалувањето на енормната економска миграција на младите кои си заминуваат од државава за поперспективна иднина во странство, но досега, како што официјалните бројки покажуваат, со низок успех.

К.Д.