Трамп и крајот на шарените револуции

„Македонскиот народ никогаш не се наоѓал во потешка позиција во однос на политичкиот избор – од една страна режимот, од друга страна всушност уште поопасна, анти-македонска опозиција“

од Nikola Popovski
48 прегледи Фото: Архива

Кога ќе прочитате некое од стотиците шокантни партиски соопштенија на сдсм против Србија, а сте нормален човек, во прв миг сигурно ќе помислите дека истите стварно делуваат како некој да се испијанчил или се издрогирал па шкрабал глупости, посебно кога се знае дека кај нас одамна еден плаузибилен херменевтички контекст за разбирање на такви партиски будалаштини е претпоставката дека можеби, како што вели урбаната легенда, ставаат дрога во кафето по штабовите. Епистемолошки тоа е наједноставната интерпретација. Втората можност е сепак таа србофобија која просто Деридијански експлодира со значењата да е втемелена на учество, директно или индиректно, свесно или несвесно, во регионалната шпионско-политичка акција против Србија. Таа несомнено координирана и подробно разработена акција и план формално започна по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад (при што, за жал, почина и еден Македонец), и сеуште не се знае со сигурност дали тоа било несреќен случај или терористички акт. Тоа беше формалниот повод да се започне добро организираната шарена револуција во Србија, која очигледно била претходно долго време планирана, со употреба на сиот канвас арсенал добро познат од шарените/обоени/портокалови револуции ширум светот. Кај нас таква се случи во 2014/2015 година и беше за жал успешна, по што беа реализирани целите на истата – сменето име и национален идентитет на Македонскиот народ, избришана историја, двојазична држава итн. Преку „и шуто и рогато“ како што Заев ги нарече нашите шарени, беа поништени вековните онтолошки сидра на Македонскиот народ и погазен сонот на нашите претци за своја демократска национална држава а на нас, денешните Македонци, ни беше објективно оневозможена понатамошната борба за вековните идеали – кратко кажано тоа беше резултатот и последиците кои ни ги донесе таа шарена револуција.

На наша несреќа, во таа шарена револуција беа вклучени и САД, а можеби дури и беа предводници на истата – САД, апсолутниот господар во светот и на балканот – и затоа немаше реални шанси да победиме како Македонски народ, без оглед на тоа дека резултатот на крајот беше 51:49 пратеници во Собрание, во полза на Македонија. Џес Бејли, Хојт Ли, амбасадорите на Франција и велика Британија, Холандија и многу други држави беа активни на секој начин, а денес по една деценија од тие несреќни времиња има и доволно кредибилни јавно достапни информации кои говорат за нивната огромна  помош кон „шарените револуционери“. Меѓутоа, за разлика од тогаш овде, сега оваа регионално организирана шарена револуција во Србија по се изгледа се одвива без учество на САД. Се чини дека Доналд Трамп согласно неговиот концепт за геополитика не ги користи повеќе методите на шарените револуции односно не дал дозвола на моќните бројни агенции на САД да учествуваат во тоа, така што адресата на клучните поддржувачи, според информациите презентирани јавно од официјални претставници на државата Србија, изгледа се Лондон и Берлин. Од оваа временска дистанца, сосема јасно е дека главна причина за шарената револуција овде беше внесување на Македонија во НАТО, што им беше битно на САД, а цената што ние, Македонскот народ, ја плативме за тоа, веќе ја спомнав – сменето име и национален идентитет, избришана историја, двојазичност.

Упорноста и се поголемата дрскост во партиските соопштенија на сдсм (дури и за враќањето на Груби испадна дека е крив Вучиќ и СНС, замислете го тој виц) сугерира дека нешто сериозно е во прашање, и дека не ќе да е само до дрогата во кафето, евентуално. Повеќе изгледа дека во некој миг и некои од сдсм се приклучиле на тој пакт против Србија односно во обидот преку шарена револуција да се смени легитимната власт таму, и да се остварат целите, кои веројатно се општо слабеење на државата, признавање на протекторатот Косово и метохија за држава наспроти 1244 резолуцијата на ООН, можно отцепување на Рашката област, прекинување на соработката со Република Српска, можно отцепување на Војводина, итн.итн. Ништо од овие цели на шарената револција во Србија не е во полза на националните и државни интереси на Македонија и посебно Македонскиот народ, токму напротив. Веќе пишував зошто таа и таква револуција нема да успее („ЗОШТО ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА ВО СРБИЈА НЕМА ДА УСПЕЕ“) и развојот на настаните оттогаш до денес генерално ја потврдува таа моја претпоставка односно заклучок, иако легитимната власт во Србија не е доволно решителна во своите демократски и Уставни механизми за самоодбрана, но тоа е друга тема. Конечно, не се Србите на такво ниско интелектуално и духовно ниво како оние овде што гласаа за шарените во 2015 година, така да кажам, метафорично, сепак нема толку многу глупави гласачи таму како овде тогаш.

Побитно за нас е што после масивната ре-заевизација на сдсм и враќањето кон „идеологијата“ на шарената соросоидна револуција од 2014/2015 година синхронизирано и паралелно таквиот сдсм по се изгледа се приклучил кон тој регионален проект наречен шарена револција во Србија. Целосно во спротивност со потребите и интересите на Македонскиот народ тие денес таму од сдсм стануваат полоша варијанта и од „оригиналното“ заево сдсм. Конкретните очекувања тие си ги знаат, но ако мислат дека повторно ќе се создаде општа политичка ситуација налик на 2015 година, денес, во 2026 или во годините што доаѓаат и така пак ќе дојдат на власт, со истите ефтини финти и лаги, многу се лажат. Дури и да добијат (или веќе добиле?!) некаква помош од тој регионален пакт, надевајќи се дека повторно ќе се употреби арсеналот на шарените револуции, забораваат на основниот факт, дека САД под водство на Трамп според се изгледа дека не учествуваат во тоа, и со самото тоа реалните шанси за успех на нова шарена овде драстично опаѓаат. Уште повеќе, сега на власт е мицковистичко дпмне, кое ниту оддалеку не е налик на демократското Вмро-дпмне од 2014/2015 година. Во врска со тоа, признавам дека најголемата моја заблуда, во која верував до пред некое време, е дека Македонија нема да дозволи своја пропаст, дека има некој длабински Ум кој ја држи транстемпорално, Логос што длабински управува во критични ситуации, метафизички ентитет кој ја опредлува својата егзистенција во големите процеси и одлуки, итн. Од 2015 до денес веќе целосно згасна мојата надеж дека е така; всушност, ништо нема. Македонија спадна на дереџето наречено мицињата и заево-венково сдсм, што е ултимативен доказ дека – нема ништо.

Македонскиот народ никогаш не се наоѓал во потешка позиција во однос на политичкиот избор – од една страна режимот, од друга страна всушност уште поопасна, антимакедонска „опозиција“ која се врати на „идеологијата“ на шарените соросоиди овојпат дополнета со регионална антисрпска кампања. Жално место на планетата Земја е мициленд.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.