ФБИ ни помогна да спречиме масовно убиство – колку сме безбедни по заканите преку онлајн екстремизам?

20-годишник од Мала Речица планирал напад како во американските училишта: Колку Македонија е спремна да се справи со вакви закани без помош од странските партнери?

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: МВР

Колку Македонија е навистина безбедна и колку можеме навистина да се справиме со теростички напади? Ваква дилема се поставува во јавноста откако во петокот некако незабележително одекна веста дека 20-годишник од Мала Речица се заканувал дека ќе изврши масакр во земјава, налик на пукањата и убиствата во средните и основни училишта во САД кои се честа појава. Алармот дека закани за териростички напад се упатени од профил на социјалната мрежа „Дискорд“ што се наоѓа во нашата земја, дошол од Амбасадата на САД во Скопје, по што Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК презеле дејствија за откривање на сторителот.

Поранешниот началник во МВР и експерт од областа за безбедност, Љубомир Ѓурчевски во разговор за „Локално“ ја смирува состојбата, велејќи дека безбедни сме на висок степен затоа што со помош на сите странски партнери, кога разменуваме навремени и брзи информации, резултатите доаѓаат и, како што вели, попречено е едно грозоморно дејствие кое можеше да заврши со поголем број на жртви, со оглед дека беше планиран напад на јавно место како училиште, амбуланта или трговски центар.

-Во една таква пукотница, бројот можеше да биде и многу поголем и добро е што со помош на стрнаските партнери кои се тука присутни и кои што имаат подобри инсајдерски информации се дојде до податокот кој што беше брзо и ефикасно реализиран. Оружјето беше пронајдено, лицето е приведено и предадено на судските органи и сега треба да чекаме епилог каква казна ќе биде изречена. Станува збор за лице како постар малолетник. Некој да се дрзне за едно такво монструозно дело треба да има и одредени психо-патолошки пореметувања, но тоа ќе си го каже медицината, истакнува Ѓурчевски.

Генерално, соговорникот смета дека како држава сме безбедни од овие интернет-закани и упади во безбедносниот систем.

Александар Ѓурчевски-Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Знаете дека имавме и дојави за подметнати бомби, но мислам како држава добро се справивме со тоа. Сепак, слабост е на толку пријавени случаи за лажни бомби, вие да не реагирате на ниту еден случај, де факто значи дека МВР и АНБ и сите безбедносни служби потфрлија во делот на откривањето, но не и во делот на брзото излегување на лице место и претрагите дека дојавите се лажни, анализира Ѓурчевски.

Околу тоа дали нашите служби се способни сами да одржат основна безбедност во државата, поранешниот полициски началник потенцира дека кај нас во полицијата, АНБ и военото разузнавање кои исклучиво се во делот на борбата против тероризмот и екстремизмот, имаме обучен кадар кој добро тоа го превенира и добро може да се справуваат, особено со лице-повратници од воените фронтови во Украина, Блискиот Исток итн.

-Малолетниците, особено оние уживатели на опојни дроги меѓу 16 и 18 години се најтаргетираната група за регрутација на извршители на терористички активности. Сите разузнавачки служби во светот кои што регрутираат, обучуваат, финансисираат и опремуваат такви паравоени формации, многу добро ја проучиле таа структура. Сега засега, барем во последните години, имавме структура во разузнавањето и контраразузнавањето која се исчисти од политичкото влијание. Тие институции како МВР, АНБ, АР не смеат да бидат партизирани што претходно ни се случи, додаде Ѓурчевски.

За веста од МВР од петокот, според описот на делото, осомничениот на крајот на минатиот месец преку социјалната апликација Дискорд (Discord) упатил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47, позната како „калашников“, истовремено наведувајќи дека е со нарушено психичко здравје.

Инспирација за нападот, како што информираат од Обвинителството, му бил настан од 14 декември 2012 година во Соединитените Американски Држави, кога тогаш 20-годишниот Адам Ланза, во училиште, со автоматска пушка смртно застрела 26 лица, од кои 20 деца.

При претресот истражните екипи пронашле поголемо количество разновидно оружје, од кое дел поседувал осомничениот дваесетгодишник, а дел неговите татко и дедо.

Фото: МВР

„Кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум мобилни телефони ‘ајфон’ и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, информираа од ОЈО ГОКК.

Многу престрелки во училиштата исто така се категоризираат како масовно пукање поради тоа што има повеќе жртви. Феноменот е најраспространет во Соединетите Американски Држави, кои имаат најголем број престрелки поврзани со училиштата, иако престрелки во училиштата се случиле и на други места во светот. Особено во САД, престрелките во училиштата предизвикале политичка дебата за насилство со оружје, политики на нулта толеранција, права за оружје и контрола на оружјето .

Според студиите за вакви напади, факторите зад пукањето во училиште вклучуваат лесен пристап до огнено оружје, семејна дисфункција, недостаток на семеен надзор и друго. Меѓу највисоките мотиви на напаѓачите биле: малтретирање (75%) и одмазда (61%), додека 54% изјавиле дека имаат повеќе од една причина. Останатите мотиви вклучуваат обид за решавање на проблем (34%), самоубиство или депресија (27%) и барање внимание или признание (24%).

Н.П.

Слични содржини