Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев, бара оштета од милион денари

Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби, порача екс-премиерот

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 Тв

Екс-премиерот Зоран Заев објави дека поднел тужби против пратеникот Бране Петрушевски и кардиохирургот Жан Митрев за клевета и нарушување на честа и угледот. Вели дека „не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата“.

„Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, стои во објавата на Заев.

Тужбата против Петрушевски се однесува поради неговата изјава на прес-конференцијата на 7-ми февруари месецов.

„Над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДС, соработник на Зоран Заев. Фирмата „ЦБД Медплант” во формална сопственост на Христијан Котев, а реална на неговиот татко Тони Котев викан М’гчев, кој е поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и близок по бизнис со Вице Заев и Гидан Колев, во периодот од 30.06.2025 година па се до 11.2025 година, има испорачано 19 тони марихуана према скопската фабрика по документ испорачана количина. Дополнително, утринава од струмичката фирма биле изнесени 21 тон дрога“, посочи тогаш пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имено, станува збор за фирма која добива одобрение од владата на Зоран Заев и Венко Филипче, за одгледување марихуана за медицински цели во 2020 година. Патем, уште во 2020 година, укажувавме дека лиценците за одгледување на марихуана за медицински цели, се добиваат исклучиво по блискоста со СДС, односно во тоа време со Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче додели лиценци на 2 фирми, „Еко Енерџи-Космос” од Ново Село и „Лајтинг Лукс” од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев погоре споменатиот“, додал тој.

Втората тужба е против лекарот Жан Митрев кој кон средината на јануари, во телевизиско гостување тврдеше дека Заев и сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче од позиција на премиер и министер сакале да купат удел во неговата болница.

„Богдан Илиевски: Политички големци од претходната гарнитура, на највисоки функции, можеби еден премиер и еден министер за здравство, биле директно заинтересирани за најдат начин до сопствеништво врз вашата болница. Дали сте го слушнале овој муабет?

Жан Митрев: Да, да.

Богдан Илиевски: Дали сте го почувствувале таквиот обид?

Жан Митрев: Да.

Богдан Илиевски: Потврдувате ли дека имало заинтересираност од Зоран Заев и од Венко Филипче да најдат пат до сопствеништво врз вашата болница?

Жан Митрев: Да, имаше такви реални контакти. И на писмено, не само вака…“, беше разговорот меѓу Митрев и водителот на телевизиската емисија.

Во двете тужби, Заев бара оштета во износ од по 500 илјади денари.

Слични содржини