Еден од родителите на загинатите деца во кочанската дискотека „Пулс“ и претседател на Здружението 15-март 2025 година, денеска пред судницата порача дека бараат правда за своите деца и дека не се во судницата заради одмазда туку за да се утврди одговорност за сите кои што придонеле пожарот, дури и оние кои што влијаеле со својот потпис. Тврдат дека одбраната сака да го одовлекува судењето.
-Тука сме за одговорност. Бараме судот да ја утврди вистината до крај и да се испита секоја институционална алка од локално и централно ниво. Бараме одговорност за сите лица, како и за службеници кои со потпис, пропуст или молк дозволиле незаконитости. Доколку системот дозволил кабаре да функционира како салон за теписи, тогаш системот потфрлил. Кога системот потфрла, тогаш граѓаните ја плаќаат цената, најчесто најневините. Ова не е политичко прашање туку прашање за правдата и безбедност. Денес бараме правда за нашите деца, а утре ова може да биде прашање на безбедност за секое дете во оваа држава, кажа Aлександар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.
Таткото го праша Министерството за економија, кое е надлежно за лиценците, како може да се издаде за работење на ноќен клуб, а кога лиценцата е за салон за теписи.
-Децата ни ги утепаа за лакоми пари, каде ќе им оди душата, рече Александар пред денешното рочиште во судницата кај затворот „Идризово“.