Собранието го изгласа пакетот закони со кои ќе се намалат функционерските плати

Претходно во попладневните часови, пратениците не изгласаа минимална плата од 600 евра

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Собрание

Се намалуваат коефициентите за пресметка на платите на јавните функционери. Собранието експресно го донесе пакетот закони, предложени од ВМРО-ДПМНЕ, со кои се нивелираат примањата на избраните и именуваните лица: пратениците, извршната власт, судиите, обвинителите, градоначалниците. Предлагачот рече дека платите ќе се намалат од 10 до 13 илјади денари.

Со овие закони, како што образложи претходно вчера еден од предлагачите на законските измени пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, се воспоставуваат реални висини на платите. Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Уставот и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.

Тешката ситуација на граѓаните не се ублажува со тоа што се намалуваат платите на функционерите, критикуваше пратеникот Скендер Реџепи, кој предложи – колку што ќе се намали платата на пратениците за толку да се зголеми платата на граѓаните.

Првите реакции стигнаа од обвинителите. Од нивното Здружение велат дека намалувањето е спротивно на Законот, според кој платата не смее да се крати, освен по дисциплинска основа. Потсетуваат дека обвинителската функција е неспоива со друга дејност, дека платата е единствен приход и дека нивните примања од 90 до 130 илјади денари се најниски во регионот.

Функционерските плати пред неколку години пораснаа за 78% по укинувањето на замрзнатиот коефициент што предизвика бура реакции во јавноста.

Претходно во попладневните часови, пратениците не изгласаа минимална плата од 600 евра. Не поминаа на пленарна седница во Собранието законските измени кои ги предложи СДСМ,со кои минималната плата од март требаше да порасне на 36.960 денари. Гласаа вкупно 82 пратеници, 63 беа „за“ да се прифати заклучокот на матичната комисија дека предлогот не е прифатлив, 19 беа против, немаше воздржани.

Пратениците од власта го одбија предлогот за минималец од 600 евра