Гаши: Сите пратеници на ВЛЕН ја поддржуваат резолуцијата за поранешните водачи на ОВК

„Веруваме дека војната на косовската ОВК беше праведна и во одбрана на населението кое беше тероризирано од тогашниот режим на Милошевиќ“, рекол претседателот на македонското Собрание

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук/Африм Гаши

Претседателот на Собранието Африм Гаши синоќа зборувајќи за Нацрт-резолуцијата за поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово, изјавил дека ВЛЕН ја поддржуваат со учество во надлежната комисија, секогаш кога ќе се стави точка на дневен ред и кога се исполнети условите.

„Сите пратеници на ВЛЕН ќе гласаат и ќе ја поддржат, не затоа што ја предложил некој, туку поради нашите ставови за ослободителната војна на Косово и ова е поврзано со правдата. Веруваме дека војната на косовската ОВК беше праведна и во одбрана на населението кое беше тероризирано од тогашниот режим на Милошевиќ.

Затоа, сè што сакаме е тој елемент од светоста на праведната војна што ја водеа Албанците на Косово во текот на годините 98/99 да не биде допрен“, рече Гаши.

Коментирајќи понатаму, тој рекол дека опозицијата требало да изрази благодарност за поддршката за да изгледа обединета по некои прашања и дека е добро некои национални интереси да бидат заедно.

„Во албанскиот политички табор е погрешен пристап партиите на власт и опозицијата да бидат едни против други за сè, ова е погрешно, треба да се договориме, да ги продолжиме агендите што ни се заеднички“, кажал Гаши за Тв Лајм.

Минатиот петок на 20-ти февруари, Комисијата за надворешна политика при Собранието не ја усвои нацрт-резолуцијата за почитување на стандардите во кривичните постапки против поранешните водачи на косовската ОВК, бидејќи немаше кворум за донесување одлуки, откако претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не присуствувале на седницата.

Пратениците на двете најголеми партии во Македонија со тоа практично го блокираа усвојувањето на резолуцијата за поддршка на водачите на поранешната ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими, на кои им се суди за воени злосторства пред Хашкиот трибунал.

На седницата биле присутни само пратениците од коалицијата Европски фронт, владејачката ВЛЕН, Алијансата за Албанците и пратеникот Реџеп Исмаил.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не дозволија расправа за резолуцијата за водачите на ОВК на кои им се суди во Хаг