Богдановиќ: Спасовски јавно кажал дека негативната кампања на СДСМ против власта во Србија носи лоши поени

Екс-функционерот од СДСМ тврди дека 70% од присутните на Конгресот на СДСМ дале аплауз на говорот на Спасовски

од Nikola Popovski
46 прегледи Фото: Фејсбук/Саша Богдановиќ

Поранешниот градоначалник на скопската општина Центар и поранешен висок функционер во СДСМ, Саша Богдановиќ ги смета за неосновани нападите и критиките од неговата поранешна партија кон српскиот претседател Александар Вучиќ и политиката на српската држава. Богдановиќ смета дека „тоа носи лошо за СДСМ“.

-Тоа на крајот на последниот Конгрес на СДСМ го кажа и висок функционер на СДСМ и пратеник од Куманово. Не бев присутен, така ми кажаа, дека јавно кажал да престанат со нападите, само лоши поени и негативности носат со негативната кампања против власта во Србија, рече утрово Богдановиќ, потврдувајќи дека станува збор за екс-министерот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.

Богдановиќ во гостување на „Радио Лидер“ информира дека 70% од присутните на Конгресот на СДСМ дале аплауз на говорот на Спасовски.

За неодамнешната реакција на српскиот претседател Вучиќ кон изнесените оцени од страна на заменичката генерален-секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, Богдановиќ вели дека „мораме да бидеме умерени во изјавите, бидејќи на некого на кого ќе му направите проблем, очекувате да имате и реакција“.

-Тука немаше навреди на женска основа, а ако го видите соопштението на СДСМ, не знам зошто реагираат кога Радмила веќе не може политичка да биде активна, со оглед на позицијата која ја има. Имаше куп повреди, споредувања, што повторно предизвикува револт кај српската заедница, рече Богдановиќ.

Поранешниот функционер од СДСМ најави реактивирање на македонската политичка сцена со нова партија под името „Српска демократска лига“.