На македонската политичка сцена се очекува да се појави уште една партија на српската заедница во државата, а на нејзино чело треба да биде екс-градоначалникот на Општина Центар и поранешен висок функционер на СДСМ, Саша Богдановиќ. Српска демократска лига треба да биде четвриот субјект по Демократската партија на Србите во Македонија на вицепремиерот Иван Стоилковиќ, Српската напредна странка на Драгиша Милетиќ и Српска странка во Македонија на Мирослав Јовановиќ. Според бројките од последниот попис, во земјава има 22 илјади Срби.
Богдановиќ денеска порача дека со неговата партија ќе придонесе Србите во Македонија да си го зачувуваат својот идентитет и посебно. Вели дека има некои работи кои се специфични и луѓето сакаат да си ги зачувуваат, а смета дека недоволно се обрнало внимание на ниво на микросредина.
-Океј се големите политики и спојување на државите и соработка, но некои работи доколку не се решаваат на ниво на микросредина што е поврзано со српската заедница, едноставно се случува една асимилација односно губење на тој идентитет. Планираме активности и измени во системот и сметаме дека така ќе се зачуваат. Веќе некои работи се покренати, а не се довршуваат. Го земам за примерот со изборниот предмет со српскиот јазик и култура, кажа екс-функционерот.
За правата на Србите во Македонија, но и споредбата со правата на Македонците во Србија, говоревме со Горан Илијевски – претседател на Партијата на Македонците во Србија. Во однос на тоа колку имаат добиено српските партии и преставниците на српската заедница во Македонија, Илијевски критикува дека Македонците во Србија немаат добиено ниту близу. Вели „многу сме разочарани од односот на српската власт кон македонската заедница и тоа што не се почитува договорот кој што е склучен во 2004 година во двата парламента, по правата на националните и малцинските заедници во Србија и Македонија“.
-Ниту еднаш не заседавала Меѓувладината комисија. Во Членот 47 стои дека имаме право да бидеме претставени на сите нивоа на власти во Србија. Ние долго време немаме преставник во српскиот Парламент, а не да зборуваме за некој висок државен функционер како што е примерот во Македонија каде што имаме вицепремиер од српска партија, посочува Илијевски за „Локално“.
Соговорникот aпелира до македонските власти да обрнат внимание и повеќе да се цениме самите себеси, со почитување на склучениот договор меѓу двете земји. Илијевски потенцира дека немаат преставници како Македонци во извршната власт во Србија, а Србите овде имаат.
-Добро е да има повеќе претставници и да добијат сходно на тоа колку ги има. Во Србија има повеќе Македонци отколку што има Срби во Македонија, а тоа што ние имаме добиено е голема нула, истакнува претседателот на Партијата на Македонците во Србија, кој се надева дека наскоро ќе се смени политичката ситуација во Србија во однос на македонската заедница, преку одржување на следните избори.
Запрашан дали смета дека српскиот претседател Александар Вучиќ и српските власти имаат улога во креирањето на политичката сцена кај српската заедница во земјава, Илијевски вели дека по закон е забрането да се финансираат политички партии во друга држава, но дека има влијание е очигледно.
-Се знае кои се контактите со сегашната српска власт од страна на српските партии во Македонија. Очигледно е врската. Тие се инсталација на српската власт во земјава.
Ние никогаш не сме биле финансирани ниту сме барале такво нешто од Македонија, само бараме да се почитуваме законот по заштита на националните малцинства на Македонците во Србија и учество во нивоата на власта, што е дефинирано со закон кој не се почитува. Македонија не води грижа за своите малцинства што се во соседството. Немаме никакви контакти ниту со МНР ниту ни се почитуваат законските права. Срамота е и за Македонија и за Србија, потенцира соговорникот, додавајќи дека во Македонија има Србин вицепремиер, имаше министер, пратеници, потенцирајќи дека ниту еден состав на македонскиот Парламент не помина без Србин.
-Во Србија сме турнати во опозиција и затоа им дадовме поддршка на студентите. Ние сме меѓу првите партии во Србија која што им дадовме поддршка на студентите, заклучува Илијевски.
Во Србија според резултатите од последниот попис одржан во 2022 година, како Македонци по националност се декларирале 14.767 лица. Доколку се споредат податоците од претходните пописи, во 2011 година како Македонци се изјасниле 22.755 лица, на пописот во 2002 имало 25.847 Македонци, а во 1991 имало 45.068 нашинци, што укажува дека континуирано се намалува број на граѓани во Србија кои се изјаснуваат како припадници на македонското малцинство.