Мицкоски: Објаснувањето за безбедноста на Груби во „Шутка“ се строго доверливи документи

-Директорот на затворот „Шутка“ нема пристап до класифицираните документи, вели премиерот

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител

Запрашан зошто АНБ и МВР одлучиле екс-вицепремиерот Артан Груби да не биде во притворот во затворот „Шутка“ и на што се должи проценката за безбедносна закана, премиерот Христијан Мицкоски вели дека разговарал со надлежните и тоа се строго доверливи и класифицирани документи, до кои што директорот на затворот, Бобан Утковски немал пристап.

-Да, разговаравме и тоа се класифицирани, строго доверливи документи до кои што директорот на затворот нема пристап, кажа премиерот.

Според него, таква е одлуката сега, но тоа не значи дека куќниот притвор нема да биде заменет со ефективен.

-Лицето е обезбедено. Ние како Влада можеме да постапуваме врз основа на фактичка состојба. Ние како држава не можеме да не ги ставиме на увид на Обвинителството и судот и тоа да одлучат. Мерките ги одредува Обвинителството и судот врз основа на факти. Таа одлука не значи дека е конечна, многупати во минатото тие одлуки се менувале, се надградувале, се проширувале, кажа премиерот во „Тема на денот“ на Тв Сител.

Во интервјуто тој се обиде да ги демантира шпекулациите во јавноста дека враќањето на Груби во земјата, како и неговото претходно бегство преку граничниот премин „Блаце“, во кое беа вмешани и полициски службеници, било резултат на политички договор или пазар меѓу власта и поранешни функционери.

Испраќањето на Груби во куќен притвор наместо во затворот „Шутка“ предизвика силни реакции во јавноста, додека претставници на власта во изминатите денови повторуваат дека одлуката била исклучиво во надлежност на Обвинителството и Судот, без политички притисоци.