Сиљановска по Советот за безбедност: Еврејските објекти се под заштита и контрола

-Ние како држава не сме изложени на нестабилност ниту има опасности по безбедноста внатре и во регионот, рече претседателката на државата

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

По синоќешната седница на Советот за безбедност поради нападот на Иран од страна на САД и Израел, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова соопшти дека состојбата во државата е стабилна и безбедна. Според неа, ние како држава не сме изложени на нестабилност ниту има опасности по безбедноста внатре и во регионот.

Сиљановска Давкова додаде дека веќе постои систем за рано предупредување и дека тој е многу важен.

„Добивме информации од надлежните дека синагогите, седиштето на Еврејската заедница и музејот на Холокаустот (во Скопје) дека можат да бидат места на кои што треба посебна грижа да им се посвети. И тоа е под заштита и дека и тоа е под контрола, што значи дека не може да очекуваме изненадувања“, изјави Сиљановска.

На седницата присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, а преку офицерот за врска беше вклучен и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е на патување.

На седницата на Советот за безбедност беа присутни и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.