Забраната за возење веќе не се впишува во возачката и почнува по добивањето на втора СМС-порака

МВР со важно соопштение за возачките дозволи

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Фејсбук/МВР

Забраната за управување со моторно возило повеќе нема да се впишува физички во возачката дозвола, туку ќе се спроведува преку дигитален систем на известување со СМС пораки и електронска пошта, информира Министерство за внатрешни работи на Македонија.

Измените се дел од законските измени во управната постапка поврзана со возачките дозволи и начинот на извршување на прекршочната санкција „забрана за управување со моторно возило“, изречена со правосилни судски пресуди.

Со новиот систем се укинува потребата граѓаните да плаќаат за издавање нова возачка дозвола со впишана забрана и со ист рок на важност. Наместо тоа, известувањето ќе се врши електронски, преку две текстуални пораки и електронска пошта.

Од Министерството појаснуваат дека процесот се одвива во две фази. Првата порака граѓаните ќе ја добијат приближно седум дена по пополнување на изјавата со контакт-податоци и во неа ќе има информации за видот и времетраењето на изречената забрана. Осум дена по неа се испраќа втора порака, а забраната официјално започнува да тече од моментот на нејзиниот прием.

Министерството најавува дека во следната фаза ќе се овозможи забраната да започнува веднаш по ажурирањето на податоците. Според МВР, досега преку новиот систем се реализирани повеќе од 3.000 забрани за управување со моторно возило изречени со правосилни судски пресуди.

Од таму ги повикуваат сите граѓани за кои има вакви пресуди, а добиле покана од Министерството, да се јават во надлежните организациони единици за управни работи со цел да ги достават и ажурираат личните контакт-податоци, број на мобилен телефон и е-пошта.

Дополнително, од МВР посочуваат дека санкцијата ќе биде реализирана и за граѓаните кои се обидуваат да го избегнат нејзиното извршување, доколку Министерството веќе располага со нивни контакт-податоци.

„Паралелно, целосно автоматизирано се спроведуваат и забраните утврдени преку системот Безбеден град, при што известувањето се врши на ист начин, преку СМС порака и електронска пошта, за прекршоци за кои е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и ја платиле глобата. Со овие измени, процесот станува побрз и поефикасен, а се намалуваат и административните процедури за граѓаните“, соопшти Министерството.