По падот на цените на светските берзи, СДСМ бара од власта веднаш да ги поевтини горивата

„Кој има интерес од сегашното зголемување на цената? Продавачите? Дали Владата намерно ги зголеми цените иако цената на барелот веќе падна вчера“, прашуваат од СДСМ

од Nikola Popovski
70 прегледи Фото: СДСМ

По падот на цените на светските берзи, СДСМ бара од власта веднаш да ги намали цените на горивата во Македонија. Од партијата прашуваат зошто граѓаните да плаќаат поскапо.

„Просечната дневна потрошувачка на дизел гориво во Македонија се движи меѓу 1.800 тони дневно а на бензин околу 260 тони. Во ситуации како вчера кога е зголемена побарувачката, потрошувачката на дизел гориво може да надмине 2.000 тони. 14 денари по литар, колку што е зголемувањето, тоа се 450.000 евра дневно или над 3 милиони евра неделно, колку што со новиот правилник е предвидено да се менува цената. Значи 3 милиони евра би платите граѓаните повеќе само ако не се корегира веднаш цената со оглед на падот на цените на светските берзи. Каде завршуваат овие 3 милиони евра? Кој има интерес од сегашното зголемување на цената? Продавачите? Дали Владата намерно ги зголеми цените иако цената на барелот веќе падна вчера“, прашуваат од СДСМ.

Во партиското соопштение повторно се бара од власта да ги намали цените на горивата и да ги прифати мерките на СДСМ за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, за намалување на акцизата за 4 денари и намалување на ДДВ за основните прехранбени производи.

Цените на нафтата паднаа за дури 10% во вторник, пред да ги намалат загубите, бидејќи инвеститорите ги разгледуваа коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за тековниот конфликт на Блискиот Исток и протокот на нафта низ критичниот Ормутски теснец.
Цената на суровата нафта Брент падна за околу 4,3% на 94,62 долари за барел во понеделник до 23:45 часот по источно време. Американската сурова нафта падна за 3,8% на околу 91 долар за барел. Падот доаѓа откако нафтата скокна над 100 долари во понеделник.

Трамп, кој во понеделник сигнализираше дека конфликтот со Иран наскоро би можел да заврши, што ги намали цените на нафтата, подоцна во текот на денот предупреди дека Техеран ќе биде погоден „дваесет пати посилно“ ако се обиде да го запре протокот на нафта низ Ормутскиот теснец.