Пратениците го одбија предлогот на Левица за зголемување на повратот од „Мој ДДВ“ на 4100 денари

Од 92 регистрирани пратеници, само 17 гласаа „За“ и еден беше „воздржан“

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Собраниски канал

Пратениците во Собранието го одбија предлогот на пратеничката група на Левица за двојно зголемување на повратот за ДДВ од мерката „МојДДВ“. Од 92 регистрирани пратеници, само 17 гласаа „За“ и еден беше воздржан.

Според Левица, првата измена на законот предвидуваше двојно зголемување на повратот на ДДВ за граѓаните на тромесечје преку системот „Мој ДДВ“ и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.

Речиси 5.000 граѓани немаат добиено поврат на ДДВ од скенираните фискални сметки поради внесени неточни или неажурирани податоци за трансакциските сметки, соопшти Управата за јавни приходи. Оттаму нагласуваат дека согласно законските одредби, рокот за поврат на ДДВ изнесува 60 дена по завршувањето на кварталот.

Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, во ноември минатата година, кога исто така имаше доцнење со исплатите, изјави дека нема никакви пречки и дека граѓаните редовно се исплаќаат.

Проектот „МојДДВ“, претходната Влада го воведе од први јули 2019 година, а преку скенирање фискални сметки се добиваше поврат на ДДВ најмногу до 600 денари месечно односно за едно тромесечје до 1.800 денари. Подоцна лимитот беше зголемен за поврат до 2100 денари.