Можеби ова е најдобриот кандидат кој што ќе треба да даде нов степен во Обвинителството, велат од Владата за Савески

-Одлучивме да го предложиме овој кандидат кој што со своjот богат и личен интегритет кој што го има, цениме дека ќе придонесе за зајакнување на правосудниот систем и она што го имаме 2% доверба, рече портпаролката на Владата, Митева

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Владата имаше конструктивна дискусија по однос на професионалниот и личниот кредибилитет на кандидатите. Оттаму одлучивме да го предложиме овој кандидат кој што со своjот богат и личен интегритет кој што го има, цениме дека ќе придонесе за зајакнување на правосудниот систем и она што го имаме 2% доверба, вели портпаролката на Владата, Марија Митева за одлуката на Владата да го предложи судијата Ненад Савески за нов државен јавен обвинител.

Митева повтори дека се разгледале сите аспекти.

-Ценевме дека можеби ова е најдобриот кандидат кој што ќе треба да даде нов степен во Јавното обвинителство. Тоа е институција која што во минатото, навистина беше за пример како се работеше во негативна смисла. Треба да го промениме тоа. Бев детална во самото портофолио и истиот предлог ќе го доставиме до Собранието, кажа портпаролката.

Савески е предложен на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе оставка во декември минатата година. Во меѓувреме, функцијата ја извршуваше в.д. обвинителката Анита Тополова-Исајловска, која исто така беше меѓу кандидатите во актуелната постапка.

За оваа позиција се пријавиле пет кандидати, а Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење за четворица: Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ и Ненад Савески. Според објавените информации, Савески добил позитивна оценка од сите десет членови на Советот, што му даде силна стручна подлога пред Владата да го избере како свој кандидат.