Денес во Собранието беше одбиен предлог-законот на пратеничката група на #Левица со кој се предлагаше зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ од 2 на 4 милиони денари, мерка што ќе донесеше реално олеснување за малите фирми, семејните бизниси, занаетчиите, земјоделците и дел од угостителскиот сектор. Како што велат од партијата, во услови на инфлација, растечки трошоци и сè поголем административен товар врз малите економски субјекти, власта на ДПМНЕ повторно покажа дека партиската суета и политичкиот инает се поважни од интересот на граѓаните и домашната економија.
Пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, во своето излагање посочи дека постојниот праг од 2 милиони денари е утврден пред повеќе од една деценија, во сосема поинакви економски услови и дека инфлацијата одамна ја избришала неговата реална смисла.
„Регистрирањето на ваквите фирми како ДДВ обврзници им носи големи потешкотии – непропорционален товар во однос на нивните административни трошоци, сметководствени услуги, време изгубено во бирократија, а дополнително ова е и товар за институциите на Управата за јавни приходи.
Сметаме дека ова во крајна линија ќе ја подобри нивната конкурентност, затоа што ќе можат да ги одржат конкурентни цените кон крајните потрошувачи, затоа што нема да бидат обврзани да ги вкалкулираат ДДВ обврските кои што би можеле да ги имаат. Од друга страна, исто така, ова е мерка која што ги зема во обзир помалите економски субјекти кои што се домашни економски субјекти, за разлика од тоа што нашиот даночен систем има огромни повластици и ослободувања за големите бизниси, кои претежно се странски бизниси и сметаме дека овој мал гест за нашите мали претпријатја би бил од огромно значење за нивниот поттик да продолжат понатаму и да го развијат практично својот семеен бизнис.
Даночниот систем, мора да биде пропорционален. За жал, сега тој не е таков. Се надевам дека и сето ова ќе значи уште еднаш дека ние ќе мора да отвориме јавна дебата за промена на даночниот систем во силно пропорционален даночен систем, каде што малите и средни претпријатија нема да го носат целиот товар, особено не граѓаните и работничката класа на полнењето на државната каса, туку поголем товар ќе сносат големите бизниси и профити на компаниите кои што генерално се странски капитал во Република Македонија“.