„Изгледа дека овие денови ДКСК се занимавала со ДНК анализи. Дошле до невидено откритие. Томовски од ДКСК дознал дека нема врска со фирмата во која што бил неговиот татко. Затоа нема врска со фирмата. Така дознал и дека татко му не му е татко“, велат од СДСМ откако Антикорупциската комисија на својата последна седница донесе одлука за запирање на постапката против Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).
Затоа мора да се спроведат реформи, како што велат од СДСМ, во правосудството, да има независно судство и обвинителство, затоа мораме во ЕУ, за ова да не се случува повеќе.
„И токму затоа ВМРО-ОКГ и Мицкоски не сакаат реформи и не сакаат во ЕУ, да можат да се богатат на грбот на народот преку тендери“, стои во партиското соопштение.
Членката на комисијата, Софија Спасовска-Медарска, појасни дека според Законот за спречување на корупција и судир на интереси, во моментов не постои сопственичка или управувачка поврзаност меѓу Томовски или неговото потесно семејство со компанијата Сити аутсорсинг.
Иако постојат индиции за пријателски релации со новиот сопственик, било утврдено во ДКСК, законот не ги дефинира пријателите како „блиски лица“, што го оневозможува утврдувањето на директен судир на интереси.
„СДС и кажувањата на раководството предводено од Венко Филипче се демантирани секој ден. И тоа демантирани се од релевантни изјави, релевантни институции. Но, на СДС како да не им се слуша, и секој ден оттаму повторуваат само лаги“, вели владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Конкретно, Државната комисија за борба против корупцијата ги демантираше нивните лаги што се однесуваат на Ивица Томовски. Антикорупциската комисија не утврди судир на интереси кај директорот на владината Служба за општи и заеднички работи Томовски со фирмата Сити аутсорсинг. СДС тврдеше дека е на неговиот татко и дека добила 161 тендер од различни државни институции во вкупна вредност од 5,3 милиони евра.
Но, и оваа лага падна во вода“, стои во партиското соопштение.