Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев објави дека Антикорупциската комисија започнала постапка за проверка на неговите банкарски сметки и потеклото на имотот.
Во објава на социјалните мрежи, Апасиев наведе дека контролата се однесува и на сметките на неговата сопруга, при што ја критикуваше одлуката на Комисијата. Според него, наместо да се занимава со „владини тендераши и криминал“, институцијата решила да ги проверува неговите финансии.
Тој порача дека нема проблем со проверките и дека институциите слободно можат да ги разгледуваат неговите сметки, но додаде дека ќе очекува и резултати од постапката.
Апасиев во објавата исто така посочи дека законскиот рок за постапката, според него, веќе истекол и најави дека во наредните денови ќе ја посети Комисијата за да провери до каде е истрагата и што е утврдено.
„Од толку владини тендераши и вмровски КРИМОСИ, Антокорупциска нашла дека треба мене и на Жена ми да ни ги чешлаат сметките у банка (и да ни утврдува потекло на имот)! p.s. Ви помина законскиот рок за постапката, па ќе наминам деновиве да видам баш шо сте откриле“, стои, меѓу другото, во објавата на Апасиев.