Мицкоски најавува намалување на нафтените деривати за 2,5 денари

Според премиерот, заедно со Министерството за енергетика работеле со снабдувачот ОКТА, која на компаниите што соработуваат со нив ќе им даде попуст од отприлика 45-50 долари по тон

од Nikola Popovski
37 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Кочани најави дека ќе има намалување на цените на нафтените деривати за повеќе од 2 денари. Според премиерот, заедно со Министерството за енергетика и минерални суровини работеле со снабдувачот ОКТА, која на компаниите што соработуваат со нив ќе им даде попуст од отприлика 45-50 долари по тон. Како што вели Мицкоски, тоа ќе значи намалување по 2 денари за литар.

-Разговарав и со голем дел од сопствениците на бензиските пумпи кои што рекоа дека тоа ќе го пренесат на крајните корисници. Така што, бидејќи РКЕ ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, во текот на денот да се намалат нафтените деривати за 2,5 денари. Во средства, тоа значи дека литар дизел ќе биде едно евро и 35 центи, кажа Мицкоски, по што направи споредба со цените на горивата во соседството и низ Европа.

Тој тврди дека македонските граѓани ќе користат најевтини нафтени деривати, иако сме само на стотици километри од воени дејствија.

Мицкоски исто така информира дека минатиот понеделник бил забележан највисок пик на дотур на нафта и нафтени деривати во Македонија. Според него, бројката изнесувала 2 милиони литри.