Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека потегот на САД за олеснување на санкциите за руската нафта е обид за стабилизирање на енергетските пазари.
„Без значителни количини руска нафта, стабилизацијата на глобалните енергетски пазари е невозможна. Олеснувањето на американските санкции за руската нафта ќе помогне во стабилизирањето на пазарот“, изјави Песков, според РИА Новости.
Според него, „конвергенцијата на интересите на САД и Русија во стабилизирањето на енергетските пазари е ситуациона“.
„Слушнавме изјава од претставник на САД дека е направен исклучок за нафтата која веќе била натоварена пред 12 март. Но, беше дадена и изјава дека САД не планираат да укинат никакви санкции за Руската Федерација поврзани со нафтата. Затоа, во овој момент, ситуационо, нашите интереси навистина се совпаѓаат“, заклучи Песков.
Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија во моментов не е загрижена дека САД ќе го стават украинскиот мировен процес настрана поради конфликтот со Иран.
„Не, во моментов нема такви загрижености. Нашите контакти со нашите американски колеги не даваат основа за такви сомневања“,изјави Песков, според медиумската агенција РИА Новости.
Тој изјави дека Русија високо ја цени подготвеноста на САД да обезбеди медијаторски услуги во потрагата по мирно решение за украинската криза.
Според него, сепак, сè уште нема конкретни информации за датумот и местото на следната рунда трилатерални разговори за Украина.