Гитаристот на рок бендот „Моторхед“, Фил Кембел, почина на 64-годишна возраст. Неговото семејство соопшти дека тој починал по „долга и храбра битка на интензивна нега по сложена операција“, објави британски „Сан“.
– Со голема тага објавуваме дека почина нашиот сакан татко, Филип Ентони Кембел, кој почина мирно синоќа по долга и храбра битка на интензивна нега по сложена голема операција. Фил беше посветен сопруг, прекрасен татко и горд и грижлив дедо, познат како „Бампи“.
– Сите што го познаваа длабоко го сакаа и неизмерно ќе ни недостасува. Неговото наследство, музиката и спомените што ги создаде со толку многу луѓе ќе живеат засекогаш. Љубезно ве молиме приватноста на нашето семејство да се почитува во ова исклучително тешко време – додало семејството на музичарот.
По распадот на „Моторхед“ во 2015 година, по смртта на фронтменот Леми (вистинско име Иан Фрејзер Килмистер), пејачот и неговите три сина го основаа својот бенд „Фил Кембел и бастард Санц“.
Во февруари, Фил Кембел и „Бастард синовите“ ги откажаа своите претходно најавени концерти во Австралија и во Европа од март до мај „поради медицински совет што Фил штотуку го доби“.
Во тоа време не беа достапни дополнителни детали.
Кембел беше член на „Моторхед“ од 1984 до 2015 година, а во последните 20 години од постоењето на бендот беше нивниот единствен гитарист, појавувајќи се на класични изданија како што се „Оргазматрон“, „1916“ и „Бастардс“, меѓу другите.