„Системот е монструм и сериски убиец“: Што научивме, а што се промени по најголемата трагедија во поновата македонска историја?

„Една година по Кочани се уште сме истото корумпирано општество и истиот руиниран и нефункционален ,„систем“ кој е најодговорен за ужасната трагедија“, вели аналитичарот Атанасоски за „Локално“

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото; Принтскрин/Јутјуб/Телевизија М-НЕТ

Денес Кочани повторно го преживува пеколниот ден на трагедијата во „Пулс“. Скоро и да нема човек во градот што не е погоден од најголемата трагедија до сега. Тагата ќе остане засекогаш, но постојат техники начини да се живее со неа, велат психолозите. Стручна поддршка за секој што минува низ тежок период значи и превенирање на здравствени проблеми во иднина. Во Кочани постои Центар за ментално здравје во рамки на Црвениот крст. Достапноста на професионална помош и грижа за менталното здравје е значајна во периодот после вакви трауми. За една година во регионалниот центар во Кочани реализирано се над 130 групни тераписки сесии.

Со минута молк, точно во 2 часот и 32 минути, моментот што засекогаш го промени Кочани, беше оддадена почит на трагично загинатите во пожарот. Пред дискотеката „Пулс“ беа поставени срциња со испишани имиња на прерано згаснатите животи, под мотото светлина што останува. Во Паркот на револуцијата 63 бели столчиња, 63 животи, симболичен мурал – визуелен споменик на недовршените соништа-ѕид на сеќавање. Во 10 часот ќе има молитва за упокоените.

Со минута молк, точно во 2 часот и 32 минути, моментот што засекогаш го промени Кочани, беше оддадена почит на трагично загинатите во пожарот. Пред дискотеката „Пулс“ беа поставени срциња со испишани имиња на прерано згаснатите животи, под мотото светлина што останува.

Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев – ова се имињата кои до крајот на животот ќе не потсетуваат дека правда и одговорност мора да има.

Што научивме како држава и општество?

Вистинските прашања по трагедијата кои треба да се постават е што научивме и што се промени во државата? За голем дел од јавноста, речиси се е исто односот системот е ист како и пред 16-ти март 2025 година. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, и понатаму сме истото корумпирано и клептократско општество, истиот руиниран и уриниран од политичките елити.

„Распаднат и нефункционален „систем“ кој е најодговорен за најголемата ужасна трагедија од поновата македонска историја која одзема 63 животи, преку 200 млади се повредени со трајни психофизички последици и уништен цел еден град на истокот во државата“, вели аналитичарот.

Атанасоски потенцира дека нема никакви промени.

Фото: Принтскрин

-Воспоставениот „систем“ е се уште истиот-ужасно корумпиран, клиентилизиран со партиски кадри кои наместо да работат за потребите на граѓаните, тие работат за „мајката партија“ и за своите лични потреби. Македонија е метастазирано општество, кое бавно, болно, мачно, полека изумира. Крајот одамна е познат и тој не е во рајот. Ќе видиме да почекаме уште колку децении ќе ни требаат за целосно да се самоуништиме, посочува Атанасоски во анализа за „Локално“.

Премиерот Христијан Мицкоски завчера посочи дека мора да говориме и за вината во креирањето на тој систем кој потфрли, каде со децении и години, како што кажа, се креира тоа диво месо кое стигна до нашите најмили. Истовремено тој кажа дека системот кај нас подобро се справил за време и по трагедијата отколку швајцарскиот со пожарот во Кран-Монтана. Соговорникот обвинува дека двете најголеми политички партии во земјава, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во овие 35 години на повеќепартиска демократија, го создадоа тоа „диво месо“, кое, како што вели, буквално ги уби 63-те жртви лани во Кочани.

-За изјавата дека сме се справиле подобро од швајцарските власти за трагедијата во Кран-Монтана, еден Вучиќ може да позавиди. Такво некрофилско однесување кон родителите и кон паметта на младите жртви и потценување на интелигенцијата на цела една нација е за без коментар и без преседан, истакнува аналитичарот.

Трагедиите често откриваат слабости во системите, а тоа го гледаме и преку судскиот процес за пожарот. Во моментов имаме неколку процеси, при што имаме и осомничени 25 полицајци на 3 обвинителни клупи. Околу тоа како гледа на целата ситуација, Атанасоски укажува не е правник, најмалку кривичар, но смета дека од почетокот, самиот судски процес околу најголемиот кривично правен настан е целосно политички компромириран.

-Да, навистина сметам дека има луѓе кои неправедно се обвинети по примерот „покрај сувото-гори сировото“, а има и многумина кои се виновни, а не се на обвинителна клупа бидејќи истиот тој монструм систем сериски убиец, едноставно ги штити, оценува аналитичарот.

На панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“ што се одржа во рамки на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“ зборуваа повеќе лекари кои беа директно вклучени во помошта што им се пружи на настраданите во страотната трагедија. Министерот за здравство Азир Алиу го презентираше Националниот план за справување со масовни жртви. Тој порача дека планот е резултат на научените лекции од повеќе трагични настани што се случија изминатите неколку години.