Албанскиот премиер Еди Рама објави дека албанската влада се подготвува да воведе нов државен механизам за регулирање на домашниот пазар на горива поради кризата на Блискиот Исток и блокадата на Ормутскиот теснец, објави АТА.
Во поткаст вчера, Рама коментираше за ефектот од воените акции на Израел и САД против Иран, за кои рече дека „Албанија целосно ги поддржува“, врз цените на горивата на светските пазари, наведувајќи: „Нема да стоиме настрана пред оваа ситуација и наскоро ќе дојде моментот кога ќе го финализираме воспоставувањето државен фактор со влијание врз домашниот пазар на нафта. Тој ќе игра улога на стабилизатор на пазарот, ќе влијае на зголемувањето на транспарентноста на цените и ќе го гарантира снабдувањето на нашиот домашен пазар.“
„Убеден сум дека ова ќе биде пресвртница за исполнување на уште една од нашите амбиции и обврски, преземени веднаш по почетокот на нашиот последен мандат, имено дека нафтата што се тргува во Албанија не треба да биде толку сериозно погодена од флуктуациите на меѓународните пазари“, додаде Рама.
Албанскиот премиер, исто така, нагласи дека Министерството за финансии на Албанија веќе формирало посебна работна група за контрола на пазарот на јаглеводороди со цел да се спречат злоупотреби и шпекулации.