„Клуч на врата“ на дел од текстилните фабрики – извозот кон Германија колабиран!

„Три недели на колективен летен одмор во март. Што ќе се случува потоа и колку од вработените ќе се вратат на работа, не знаеме“ – вели во разговор за „Локално“, сопственик на текстилна фабрика од истокот на Македонија

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв 24

„Три недели на колективен летен одмор во март. Што ќе се случува потоа и колку од вработените ќе се вратат на работа, не знаеме“ – вели во разговор за „Локално“, сопственик на текстилна фабрика од истокот на државата. Најпрово по војната во Украина а сега и со нападите на Иран домашната економија се соочува со последици и со ризици, велат бизнисмените. Една од индустриите која е на удар е текстилната, каде дел од фирмите веќе  одлучиле да запрат со производство, да ги прогласат вработените за технолошки вишок или да ги испратат на „принуден одмор“.

Влошената состојба во текстилната индустрија ја потврди и Ангел Димитров од Организација на работодавачи и воедно менаџер на текстилна фабрика во Свети Николе.

„Состојбата е алармантно влошена. Најпрво војната во Украина, сега војната во Иран, на Блискиот Исток… Нашиот најголем партнер во текстилната индустија драматично ги намали нарачките, побарувачката таму е намалена зошто луѓето во кризни и неизвесни времиња се откажуваат од купување на она што не им е најнеопходно, како што е облеката. Како последица на ваквата состојба, која има и психолошка и економска димензија, ние дома се соочуваме со преполовен пласман“ – вели Димитров за „Бизнис-инфо“.

Ангел Димитров – Фото: Јутјуб/Принтскрин/МИА

Анализите на странските економисти и и меѓународни финансиски институции потврдија дека германската економија се соочува со економска криза која се рефлектира преку намалување на бројот на вработени во индустриите, намалени нарачки и редуцирано производство па дури и целосно затворање и прогласување на стечај во компаниите. Дел од економските аналитичари веќе алармираат дека Германија се соочува со опасност од рецесија. Оваа најважна економија за македонскиот извоз,  првиот квартал од оваа година го заврши со раст на БДП за 0,5 проценти додека во вториот растот се намали на  0,3 отсто.

„90 проценти од  пласмананот на текстилно-кожарската индустрија е на пазарот во Германија. Нарачките се колабиран. Ако дневно произведувавме по 4 500 парчиња, сега оваа бројка е сведена на 2 000, а тоа е производство што не може да ги покрие тековните трошоци на фирмите па  затоа дел посегнаа по редуцирање на бројот на вработени па дури и целосно затворање. Освен тековните воени кризи, и скапото домашно производство е фактор поради кој текстилната индустрија се соочува со криза. Поради ниските трошоци, странските партнери своето производство го селат во Бангладеш и други земји во Далечниот Исток. Во нашата земја останаа да ги работат само помалите и брзи налози, односно нарачки“ – вели Димитров и додава:

„Се прават обид за пробивање на пазарите во скандинавските земји, но процесот оди многу бавно“.

Според показателите од Организацијата на работодавачи, во моментов во текстилната индустрија има околу 17 000 вработени. Станува збор за трудо-интензивна дејност во која доминираат пониски плати коис поред висината се блиску до републичкиот минималец.

Д.А.