Европската комесарка за проширување Марта Кос денес изјави дека процесот на реформи во Украина мора да се забрза бидејќи не може да има безбедна Европа без безбедна, демократска и просперитетна Украина како „една од нас“.
Таа на прес-конференција по неформалниот министерски состанок со Украина изјави дека за време на нејзината неодамнешна посета на земјата била „длабоко трогната“ кога видела дека членството во ЕУ им носи надеж на Украинците во нивниот секојдневен живот.
Според неа, состанокот се темелел на работата започната минатиот декември во Лавов, каде што земјите-членки дадоа насоки за нова фаза од преговорите за пристапување на Украина фокусирани на три преговарачки групи.
„Тие ѝ дадоа на Украина јасен список на обврски за техничката работа што претстои во областите на владеењето на правото и демократските институции, внатрешниот пазар и надворешните односи. Денес, ја продолжуваме оваа работа и ја прошируваме на преостанатите три поглавја од преговорите. Реформите во рамките на Кластер 3 ќе доведат до повеќе работни места, подобри услови за бизнисите и поголеми инвестиции во украинската економија. Реформите во рамките на Кластер 4 значат почиста енергија, посигурна електрична енергија и подобри патишта, железнички и гранични врски. А реформите во рамките на Кластер 5 значат посилно земјоделство, подобра поддршка за руралните заедници и попаметно користење на земјиштето и водата“, изјави Кос.
Таа додаде дека Украина има реална шанса да побрзо да напредува во реформите кои го подобруваат секојдневниот живот, од работни места и бизнис до енергетика, транспорт и поддршка за руралните заедници, и истовремено, да продолжи да работи на акциониот план за 10-те реформски приоритети договорени во Лавов, со силен фокус на владеењето на правото, борбата против корупцијата и градењето на силни, одговорни, демократски институции.
„Ова се темелите за интеграција на Украина во ЕУ, а во исто време и основата за обнова и долгорочен просперитет на Украина. Во време кога Европа е под притисок и од Истокот и од Западот, не можеме да си дозволиме да губиме време. И не губиме. Сите шест кластери сега се неформално отворени“, изјави Кос.
Таа, исто така, објасни дека треба да се разликуваат два столба на процесот на пристапување, од кои едниот е техничка работа, додека другиот е процес на донесување одлуки во земјите-членки.
„Од техничка гледна точка, можеме да ги завршиме преговорите за сите кластери“, изјави таа.
Заменик министерката за европски прашања на Кипар, Марилена Рауна, изјави дека Украина не е сама и дека проширувањето на ЕУ кон Украина е инвестиција во мир, стабилност, демократија и просперитет за ЕУ.
„Посилна Украина во рамките на посилна Европска Унија ни користи на сите. Во исто време, ние остануваме водени од основните принципи на процесот на пристапување: заслуги, напредок, ригорозна условеност и целосно усогласување со вредностите на ЕУ. Претседателството ќе продолжи тесно да соработува со Европската комисија и земјите-членки за да го одржи моментумот“, додаде таа.
Вицепремиерот на Украина за европски и евроатлантски интеграции, Тарас Качка, изјави дека верува оти земјата наскоро ќе го отвори Кластер 1 и ѝ се заблагодари на ЕУ за помошта.