Цеков од ЗНАМ нема ништо против внесување на Бугарите во Уставот

„Отпосле доколку постојат реални пречки по однос на идентитетски или било какви други прашања, согласно Уставот имаме 81 пратеник и можеме да ги стопираме“, вели пратеникот од ЗНАМ

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв 24

Пратеникот од редовите на ЗНАМ и дел од владејачкото мнозинство, Миле Цеков има различно размислување од раководството на неговата партија и смета дека земјава треба што поскоро да ги спроведе уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата, кои се услов за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ. Цеков во дебатна емисија изјави нема проблем да гласа за такво нешто.

-Лично мојот став по тоа прашање е дека немам ништо приотив нашите соседи. Сите заедници треба да се внесат во Уставот. Немам ништо против и да гласам за уставните промени. Јас лично немам ништо против тоа бугарскиот етникум да се внесе во Уставот – ние не губиме ништо од тоа. Исто така имам забелешки кон одредена реторика и наратив кон нашите соседи, сметам дека тоа е погрешен пристап. Треба да се пристапи кон дијалог и разговор, затоа што тие ни се први соседи и први соработници, рече Цеков во „Студио 10“.

Пратеникот сепак смета дека мора да имаме јасен став дали понатаму ќе бидеме заглавени во процесот.

-Во оваа недефинирана состојба во која се наоѓаме, треба да постапиме попрагматично и да ги донесеме уставните измени. Отпосле доколку постојат реални пречки по однос на идентитетски или било какви други прашања, согласно Уставот имаме 81 пратеник и можеме да ги стопираме. Немаме друга алтернатива? Се прашувам која ни е?  За да има промена, преговарачката рамка треба да ја согласат сите 27 земји членки. Дали ќе се согласат? Не знам, бидејќи нашите партнери ветуваат дека ќе има промена на Преговарачката рамка, но не знам дали тоа е изводливо. Тука се поставува прашањето што правиме понатаму, затоа што и младите се прашуваат: до кога ќе бидеме во ваква состојба?, кажа, меѓу другото, Цеков.